Тие што имале интегритет во Судскиот совет – си дадоа оставки


Врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски ги образложија причините за оставките што ги поднесоа како членови на Судскиот совет, откако работењето во ова тело повеќе се препознава по скандали, отколку по одлуки. Нивниот гест го пофали сменетата претседателка Весна Дамева нарекувајќи ги  судии со интегритет, што требаше да биде порака до останатите – дека не се тоа. И Стефкова и Герасимовски им посакаа подобра работа на членовите изразувајќи надеж дека и нивната оставка ќе помогне во тоа.

Стефкова како причина за оставката го наведе изневереното очекување дека со своето искуство ќе придонесе за основната дејност на Судскиот совет, за независноста и самостојноста, како и за постапките за избор на судиите со почитување на законските одредби. Очекувала Судскиот совет да биде брана и заштита за судиите од надворешни и внатрешни притисоци , да покаже интегритет и независност, но за неполна година наишла на разидување со ставовите на другите во ова тело.

Како директни причини за оставката таа го наведе одбивањето на Судскиот совет да ги достави списите до Врховниот суд по изјавени жалби од разрешени судии од Советот, првите постапки за избор на судии во повисок суд, како што беше таа во апелациониот суд во Гостивар каде што тоа било направено без да се почитува ранг листата. Таа забележа дека Судскиот совет не бил отчетен и транспарентен околу одлуките, а врв било разрешувањето на претседателката Дамева, кое го оцени како незаконско, заедно со одлуките на наредните седници. На крајот ги спомна и влошените меѓучовечки односи поради кои не гледа веќе причина да остане во ова тело.
Герасимовски беше пократок, но главно посочи дека оставките ги поднеле во ист ден и поради исти причини. Тој рече дека наишол и на идеолошки несогласувања со колегите и затоа смета дека е подобро да си поднесе оставка бидејќи така ќе придонесе повеќе во апелациските судови што се затрупани со предмети, отколку да остане во Судскиот совет. Нивните оставки беа прифатени без дискусија и тие се враќаат во судовите од коишто дојдоа.

Покрај двете оставки, на денешната седница беше констатирана и оставката на заменик-претседателот Селим Адеми кој важеше за предводник на процесот на разрешување на Дамева. Тој си даде оставка само како заменик-претседател, но останува член на Советот. На негово место, за нов заменик-претседател денеска беше избран судијата Ханиф Зендели.