Прво ја блокираат Данела Арсовска, па бараат да им ги чисти општините!


 

По градоначалниците на Бутел и Чаир, денес се јави и градоначалникот на општина Кисела Вода со порака до ЈП „Комунална хигиена“ дека и поднел прекршочна казна затоа што не ги чисти контејнерите со отпад. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тврди дека не само што отпадот не се собира, туку се содаваат депонии и во услови на високи летни температури се доведува во прашање здравјето и безбедноста на граѓаните. Најави крај на  толеранцијата за несовесното работење на ЈП ,,Комунална хигиена” и на градоначалничката на Скопје кои се грижат за хигиената во главниот град и се закани дека секое непостапување ќе значи нова прекршочна пријава.

„Скопје со недели изгледа како голема депонија и се дави во отпад! Ова се влошува со високите температури, односно од отпадот што не се собира редовно се шири неподнослива миризба во секоја општина. Кисела Вода не е исклучок, кај нас сликата се полни контејнери и страшна миризба.Ова е резултатот на несовесното работење на ЈП ,,Комунална хигиена” и градоначалничката на Скопје кои се грижат за хигиената во главниот град!

Досега неколку пати алармирав до градските институции, со дописи, телефонски, но очигледно нашите реакции како општина и оние на граѓаните на Кисела Вода не успеаа со проактивност од страна на ЈП ,,Комунална хигиена”, кое сите граѓани на Скопје го плаќаме.Бевте сведоци кога како градоначалници лани се обидовме да со собереме сметот што со недели стоеше на улиците, нема да дозволиме да се случи ова повторно. 

Бидејќи во нормална комуникација немаме никаква реакција, во текот на изминатите денови испративме комунален инспектор да ја провери состојбата на терен.Увидовме дека ситуацијата е катастрофалната и поради тоа понесовме прекршочна пријава до „Комунална хигиена“ и ова ќе биде наша пракса и следните денови ако состојбата не се подобри.Секое непостапување ќе значи нова прекршочна пријава“, се закани Ѓорѓиевски порачувајќи дека „граѓаните се на прво место“, нешто што веќе две години и повеќе не важи во Скопје, каде што ВМРО-ДПМНЕ ги блокира сите активности на Арсовска без оглед на интересите на скопјани. 

Инаку во политичките кулоари токму градоначалникот на Кисела Вода се гледа како еден од двата можни претенденти на фотелјата на Данела Арсовска за која очигледно почна хајката за смена, со секакви некакви драмолетки во ЈСП, а сега и со „Комунална хигиена“.