„The Pitt“ и „Hacks“ во трка за злато на телевизиските награди „Еми“
Лос Анџелес – Холивудските ѕвезди вечерва ќе им оддадат признание на најдобрите телевизиски остварувања на доделувањето на наградите „Еми“ (Primetime Emmy Awards). Харисон Форд и Џин Смарт се во трка да испишат историја, додека серијата „The Pitt“, чие дејство се одвива во оддел за итна помош, се бори да ја освои главната награда втора година по ред.
Маришка Харгитеј, ѕвездата на драмската серија на NBC „Law & Order: Special Victims Unit“ (Закон и ред: Оддел за специјални жртви), ќе биде водителка на церемонијата, со што се прекинува традицијата улогата на водител да ја извршува комичар. Свеченоста ќе се емитува во живо во 20:00 часот по источно време (вторник, 00:00 часот по Гринич) од центарот на Лос Анџелес на каналот NBC и преку стриминг-платформата Peacock. Меѓу оние што ќе ги доделуваат наградите ќе бидат Џон Хем, Сали Филд, Ејми Полер и Зендаја.
Харгитеј, позната по улогата на полициска капетанка во серијата „SVU“, изјави дека соработувала со сценаристи од поранешната ноќна емисија на Стивен Колберт за да го подготви материјалот за „Еми“ наградите.
„Да се помине време во просторија полна со брилијантни сценаристи на комедии и да се биде дел од таа радост и прослава – тоа е сосема поинакво од она што јас го работам“, рече Харгитај во интервју пред церемонијата. „Тоа беше прекрасно освежување и прекрасен подарок, и сè ми изгледа ново.“
Наградите „Еми“ нудат ретка можност за славење во време кога Холивуд се соочува со намалување на продукцијата, загриженост поради вештачката интелигенција и предложеното преземање на компанијата „Warner Bros Discovery“ (сопственик на HBO) од страна на „Paramount Skydance“ – договор што ја подели индустријата и се соочува со правни предизвици.
На церемонијата, ѕвездата на серијата „Hacks“, Џин Смарт, би можела да стане првата актерка што ја освоила наградата „Еми“ за најдобра актерка во комедија во секоја сезона од емитувањето на серијата, додека Форд би можел да ја освои својата прва награда „Еми“ на 84-годишна возраст за улогата во серијата „Shrinking“.
Серијата „The Pitt“ на HBO Max, чие дејство се одвива во центар за трауматологија во Питсбург, важи за фаворит за освојување на наградата за најдобра драма – главната награда на вечерта – втора година по ред. Меѓу конкурентите е и новата серија „Pluribus“ на Apple TV, која раскажува приказна за жена што води војна против вонземјански колективен ум. Ноа Вајл, ѕвездата на „The Pitt“, е еден од главните кандидати за освојување на наградата „Еми“ за најдобар актер втора година по ред. Серијата „Hacks“, во која Смарт игра стенд-ап комичарка во своите седумдесетти години што се бори да остане актуелна, пред два месеци важеше за очигледен фаворит. Оваа серија, која исто така се емитува на HBO Max, претходно веќе еднаш ја има освоено наградата за најдобра комедија во текот на своите четири сезони.
Сепак, серијата ќе мора да се соочи со сè поголемата поддршка за „Widow’s Bay“ на Apple TV – нова хорор-комедија во која Метју Рис го толкува ликот на градоначалник на мало гратче во Нова Англија, за кое се верува дека е проколнато.
Добитниците на наградите „Еми“ ги избираат повеќе од 27.000 сценаристи, режисери, изведувачи, продуценти и стручни лица кои се членови на Телевизиската академија.
Оваа година, Академијата направи измени во натпреварувачката категорија за доцните ноќни комични емисии. Емисии како „The Late Show with Stephen Colbert“ (која беше укината од CBS) и „Jimmy Kimmel Live“ на ABC ќе се натпреваруваат во категоријата за извонредна вариете-серија – категорија во која е можно да има повеќе од еден победник. Според правилата на Академијата, секој номиниран се оценува поединечно, а секоја емисија што ќе добие 90% поддршка ја освојува наградата „Еми“. (Ројтерс)