„The Crossing“ најдобар европски филм за млада публика. Гласаше и македонското младо жири


„Агенцијата за филм е национален партнер на European Film Academy Young Audience Award веќе седум години. На овој начин имаме можност да учествуваме и да го дадеме својот глас за најдобрите европски филмови за млада публика, а со тоа придонесуваме кон филмската едукација кај младите, кои имаат можност да се запознаат од прва рака со квалитетна, европска, кинематографија.“ – изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Изминатата недела, во рамките на целокупниот настан организиран од страна на Европската Филмска Академија, EFA Productions & MDM, Македонија учествуваше по седми пат со младо жири од 60-тина основци на возраст од 12 до 14 години. Учество земаа уште 37 земји со вкупно 3600 членови на младото жири.

Основците имаа за задача да ги гледаат трите номинирани филмови во оваа категорија онлајн, да гласаат за својот фаворит, а во рамките на работната програма имаа можност и директно да се запознаат со режисерите и актерите, но и да разговараат и споделат искуства и импресии со своите врсници, членови на жири комисијата ширум Европа.