Тежок удар за „Ферари“: Леклер и Хамилтон дисквалификувани по трката во Шангај


 

Возачите на „Ферари“, Шарл Леклер и Луис Хамилтон, кои завршија на петтото и шестото место на неделната трка за Големата награда на Кина во Шангај, останаа без бодови откако судиите ги дисквалификуваа поради неправилности забележани на нивните болиди.

Тежината на „ферарито“ управувано од Леклер беше под пропишаната вредност на мерењето по трката, што резултира со дисквалификација.

Возилото на Хамилтон беше во рамките на дозволената тежина, но судиите забележаа знаци на прекумерно абење на шасијата, што повторно доведе до дисквалификација на 40-годишниот Британец, кој во саботата славеше во спринт трката и со тоа ја постигна првата победа на воланот на Ферари.

Французинот Пјер Гасли („Алпин“) исто така беше дисквалификуван, откако ја мина целта на 11-то место.

По овие дисквалификации имаше промени во конечните резултати, како и во пласманот на Светското првенство, како во конкуренција на возачи, така и во конкуренција на конструктори.

На трката во Кина победи Оскар Пјастри во „Мекларен“.