Тежок пораз на протежето на Ердоган на изборите во Северен Кипар. Победи човекот кој е за преговори

Според неофицијалните резултати, левичарскиот ветеран Туфан Ерхирман освои 62,8 отсто од гласовите


Туфан Ерхирман и неговата сопруга Нилден на гласачкото место (Фото: АФП)

 

Неофицијалните резултати од претседателските избори во Северен Кипар покажуваат победа на опозицискиот кандидат Туфан Ерхирман над неговиот противник Ерсин Татар, досегашен претседател.

Како што објави „претседателот на Врховниот изборен совет“, Бертан Озердаг, Ерхирман добил 62,80% од гласовите, во споредба со 35,77% на Татар, врз основа на пребројувањето на 753 од вкупно 777 гласачки кутии.

Според податоците од Врховниот изборен совет, бројот на гласачи кои гласале достигнал 141.615.

Овие претседателски избори се сметаа за клучни за утврдување дали мировните преговори за поделениот медитерански остров можат да се обноват.

На изборите што ги следи внимателно меѓународната заедница, електоратот од 218.000 кипарски Турци имаше избор: или да го поддржат националистичкиот актуелен претседател, Ерсин Татар, кој се залага за решение со две држави за сложениот кипарски проблем, или левичарскиот ветеран, Туфан Ерхирман, кој поддржува враќање на мировните преговори посредувани од ОН.

Пристапот на Татар би значел понатамошна интеграција со Турција, единствената земја што ја признала отцепената држава; пристапот на Ерхирман би ги зголемил надежите за обединување на кипарските Грци и Турци во бизонална, двокомунална федерација.

Кипар е етнички поделен помеѓу мнозинското население Грци на меѓународно признатиот југ и Турците на север откако пучот инспириран од тогашната хунта во Атина, чија цел беше обединување со Грција, ја натера Турција да ја нападне и заземе северната третина од островот во 1974 година.

Оттогаш, дури 45.000 турски војници од копното се стационирани на територијата. Осум години подоцна, ентитетот еднострано прогласи независност, но во отсуство на решение, следеа децении меѓународна изолација.

Во пресрет на изборите во недела, 65-годишниот Татар, кој отворено беше поддржан од Анкара во текот на неговиот петгодишен мандат, инсистираше дека федералното решение за деценискиот спор е „стапица, план за уништување на Турската Република Северен Кипар и протерување на Турција од островот, план за преземање на контролата врз источниот Медитеран“.

Преговорите со посредство на ОН за повторно обединување на Кипар се прекинати откако спектакуларно пропаднаа во швајцарскиот планински град Кран-Монтана пред осум години – најдолгата пауза во мировниот процес досега.