Тетовски планинари ќе ги искачуваат највисоките врвови во Словенија и Австрија


Дваесетчлена експедиција од планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово денеска заминува на искачување на највисоките врвови во Словенија и Австрија. Искачувањето на Триглав во Словенија на 2.864 метри надморска височина е предвидено за во недела (21 јули), додека во понеделник на Гросглокнер во Австрија на 3.798 метри.

– Искачувањето на врвови во странство е дел од годишната програма, па годинава се одлучивме за Триглав и Гросглокнер. Два месеци, од мај, се подготвувавме. Имавме предвидено и се искачувавме еднаш неделно на врв на над 2500 метри, секојдневно тренинг со искачување до ридот Балтепе над Тетово. Во последниот месец вежбавме движење наречено „Виа Ферата“. Тоа е алипинистичко искачување на карпи, но со претходно поставени сајли за вертикално движење, изјави Владимир Златковски, кој заедно со Јованче Даниловски се главни организатори на 20-члената екипа.

Водичи во планина ќе бидат искусните алпинисти Надир Мурсели од ПК „Љуботен“ и Зоран Мајсторски од Радовиш.

– Глосглокнер е дел од Алпите и највисок врв во Австрија каде ќе се соочиме со снег. Треба да се помине глечер, како и карпест дел каде ќе се примени движењето „Виа Ферата“. На Гросглокнер ќе се искачуваат помалку луѓе од групата, поточно 15, рече Златковски.

Дел од групата која нема да оди на Гросглокнер, ќе го посети Планинскиот музеј на Словенија во Љубљана каде ќе се однесе дел од архивата на клубот за презентација. Со музејот е предвидено да се соработува за заеднички проект и изложба.