Тетовската библиотека почна редовно да работи и да позајмува книги на читателите


Од денеска тетовската библиотека „Кочо Рацин“ почна со редовно работење и позајмување книги на членовите, што од 13 ноември беше во времен прекин поради преместувањето на установата во нов дел од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Библиотеката сега се наоѓа во просториите кои порано беа користени од шаховски клуб. 

Овие четири недели 18 вработени префрлија над 82 илјади книги во новите простории. Помош имаа од работници од фирма ангажирана од Министерството, кои направија  преселба на рафтовите, додека библиотекарите ги пакуваа, отпакуваа и редеа книгите на полиците.

– Најголемиот дел од фондот е сместен во новите простории. Еден мал дел од 16 илјади книги е сместен како во архива во простории на Центарот за култура. Таму се поставени постари и поретки изданија. Денес завршивме со целосното преместување на книгите. Ние со издавањето почнавме уште од мината среда, но делумно со работа во една смена бидејќи немавме интернет.  Од денес се работи во две смени од 8 до 19 часот, информира в.д директорката Елизабета Трпчевска Петрушевска.

Од тетовската библиотека информираат дека во меѓувреме им стигнала информацијата дека се добитници на признанието „Библиотека на годината“, што го доделува Библиотекарското здружение на Македонија. Доделувањето на признанијата и благодарниците ќе биде во четврток во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а по повод нејзиниот патронен празник.

– Аплициравме за прв пат годинава и наше задоволство е добиени признание за големиот број активности кои и покрај преселувањето беа реализирани во текот на годината, вели информира в.д директорката Елизабета Трпчевска Петрушевска.

Библиотеката се пресели од еден во друг дел на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ согласно одлуката на Министерството за култура од август оваа година.

За надминување на просторните проблеми на библиотеката во Тетово постои трајно решение. Од 2014 година почна со изградба на нов објект каде треба да се сместат библиотеката и Тетовски театар, кој сè уште се гради и согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година.

Тетовската библиотека има 5300 активни читатели активни, со дневна фреквенција од 300 до 500 читатели.