„Тетовирани импресии“ – ФДУ го чествува творештвото на Горан Стефановски


Фото: Б. Грданоски

 Факултетот за драмски уметности (ФДУ) – Скопје го слави творештвото на драмскиот автор Горан Стефановски со едномесечна мултимедијална програма насловена „Тетовирани импресии“. Настаните од програмата ќе почнат денеска, на Светскиот ден на театарот, а ќе завршат на  27 април – денот на раѓањето на Стефановски. ФДУ е организатор на програмата во која ќе учествуваат негови соработници, колеги и студенти.

-Ќе потсетат на творештвото кое претставува бескрајна инспирација за минатите, сегашните и идните генерации на факултетот. Инспирација која нé поттикнува кон подобро и повеќе уште од нашата „Бушава азбука“. И од „Јане Задрогаз“, преку „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“…, се до „Огнени јазици“. Од нивното запознавање, разбирање, препрочитување и поставување, до одново станување и борење за она што е вистински наше, соопшти ФДУ.

Манифестацијата „Тетовирани импресии“ ќе почне со одбележување на Светскиот ден на театарот – 27 Март. Во рамки на програмата ќе има испитни претстави и етиди по текстови на Горан Стефановски, проекции на филмови по негови сценарија и презентација на документарен филм во реализација, посветен на неговото дело.

-Ќе слушнете како изгледала соработката со Горан преку дискусии со неговите долгогодишни соработници, а и музичка програма во соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност. Програмата ќе се заокружи на 27 април, неговиот роденден, наведува ФДУ во најавата на манифестацијата.

Влезот за сите настани е слободен, а деталите за секој настан ќе бидат дополнително објавени на веб-страницата и социјалните мрежи на Факултетот за драмски уметности.