Тетовци сѐ уште без информации за загадениот воздух


Изминува речиси половина година, период во кој жителите на Тетово не можат да проверат дали има присуство на отровните честички пи-ем 10 и пи-ем 2,5 на интернет страница на Министерството за животна средина и просторно планирање каде се објавуваат податоци од мерните станица за квалитетот на воздухот.  И понатаму не се објавуваат информации, а уште во април од одделението за мониторинг на квалитетот на воздухот соопштија дека е поради тоа што инструментот за мерење е однесен на сервисирање во Виена.  На страницата има можност да се видат податоци само за сулфур диоксид, додека нема пристап до параметрите за азот двооксид, јаглерод моноксид и озон  како и за РМ10 и РМ2,5.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули при посетата на Тетово изјави дека се набавени делови за мерни станици за повеќе градови, па очекува дека и од тетовската мерна станица ќе може да се добиваат резултати.

-Почнаа да работат две од расипаните станици во Скопје, во овој момент стигнаа на царина во Скопје резервни за пет мерни станици така да во брзо време очекуваме да профункционира мерната станица, изјави заменик министерот Јани Макрадули.

Тетово со години наназад бележеше огромен број денови во кои има присуство на отровни материи далеку над дозволеното. Светските здравствени стандарди предвидуваат во една календарска година да нема повеќе од 35 денови со загаден воздух, односно зголемено присуство на отровните пи-ем 10 честички. Во 2018 во Тетово надминување од над 50 микрограми пи-ем 10 честички на кубен метар имало во дури 134 денови. Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните пи-ем 10 честички.