Тестот за корона вирусот ќе поскапи и во приватните клиники


Никола Тодоров застана во одбрана на Венко Филипче од „една лоша, валкана и опасна пропаганда“ што ја прави неговата партија

 

Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, ги оцени како „чист политички опортунизам и глупост од луѓе што не го разбираат системот како Фондот ги наплаќа услугите“ тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата прави профит од тестовите за корона вирус наплатувајќи ги по многу повисока цена од таа во приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“.

Во интервјуто за „Утрински брифинг“, Дончев рече  дека цената што ја посочи ВМРО-ДПМНЕ не е воопшто набавната цена на тестот туку во неа влегуваат и други материјали и работната рака. Таа цена, според Дончев, е поставена во 2013 година, што значи е наследена.

Тој најави дека за два дена и приватните клиники ќе можат да прават тестови на молекуларно ниво кои го утврдуваат присуството на корона вирусот и кои ги признава Институтот за јавно здравје, бидејќи се пософистицирани, при што се очекува дневно да се прават по 600 такви тестови.

Цената која Фондот ќе ја плаќа на приватните клиники за овој тест ќе биде 3.600 денари.

Министерството за здравство вчера соопшти дека тестовите кои се прават во приватната болница „Систина“ се различни и тие не го детектираат директно присуството на коронавирусот кај пациентите.

„Тестовите кои ги користи приватната клиника ‘Систина’ се различен тип од тестовите на сите останати институции. Тие тестови го детектираат присуството на антитела на вирусот ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус. За позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави ‘Систина’, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во Министерството“, пишува во објаснувањето од Министерството за здравство.

Вчера во одбрана на министерот за здравство, Венко Филипче, и начинот на кој се одредува цената од Фондот застана и поранешниот шеф на овој ресор во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров. Во колумна за Дојче веле тој напиша дека има обврска да го брани од „една лоша, валкана и опасна пропаганда“.

Тој даде објаснување како се формира цената за вакцината од Фондот. „Лабораториската услуга, како што е тестирањето за Ковид-19 не се плаќа од страна на фондот по ДСГ (дијагностичко сродни групи) кое преставува кодирање наменето само за хоспитализирани пациенти. Фактурирањето и наплатата на лабораториски услуги спаѓа во сегментот на специјалистичко-консултативни пакети и оваа цена ја утврдува Управниот одбор на Фондот за здравство (ФЗОМ) по предлог на надлежната Комисија на ФЗОМ, а врз основа на интерна методологија на ФЗОМ. Е за оваа цена станува збор, а не за разлика на цената на тестовите во приватните и јавните здравствени установа. Настрана што не станува збор ниту за исти тестови. За да биде уште појасно сакам да појаснам дека доколку се намали сумата што Фондот за здравство ја плаќа на Институтот за јавно здравство за тестирањето на граѓаните за Ковид-19, ќе се намали приходот на Институтот, што е исклучително штетно и неоправдано во ова време на криза кога институтот и неговите вработени се во првата борбена линија. Значи овие 4.950 денари ги плаќа Фондот за здравство на Институтот за секое направено испитување и тоа не е цената по која е набавен тестот“. (Н.В.)