Тесла предупредува: Илон Маск заминува ако не му го одобрат бонусот


Извршниот директор на Тесла, Робин Денхолм, апелираше до акционерите да одобрат огромен пакет компензација од 56 милијарди долари за Илон Маск. Одлуката за исплата на овој бонус ќе биде донесена на 13 јуни, кога акционерите ќе гласаат по втор пат откако првиот обид беше откажан поради процедурални нерегуларности.

„Илон не е типичен извршен директор, а Тесла не е типична компанија“, напиша Денхолм во писмото до акционерите, нагласувајќи дека е потребно „нешто поинакво“ за да се мотивира некој како него.

Денхолм навести дека Маск може да продолжи со други проекти доколку не е соодветно мотивиран. „Илон дефинитивно нема неограничено време… Сакаме тие идеи, таа енергија и тоа време да бидат посветени на Тесла“, рече Денхолм.

Пакетот за компензација од 56 милијарди долари ќе го направи Маск најплатениот извршен директор во модерната историја.

Денхолм нагласи дека одобрувањето на овој пакет „не е прашање на пари“.

„Илон е веќе еден од најбогатите луѓе на планетата“, пишува The Verge.

Инвеститорите се загрижени поради фокусирањето на Маск на други проекти, како што се SpaceX, The Boring Company, Neuralink, X и xAI. Неколку прокси фирми препорачаа акционерите да гласаат против предлогот.

Сепак, предвременото гласање покажува дека Маск може да го добие она што го сака, со повеќе од 80 отсто од гласовите за пакетот.

Маск бара поголема контрола над Тесла, во форма на удел од 25 отсто во компанијата, со цел да ги постигне целите за развој на вештачка интелигенција и автономни возила. Тој се закани дека ќе ја одвои работата на Тесла за вештачка интелигенција во посебна компанија доколку не се исполнат неговите барања, пренесува Новаекономија.