„Тесла“, БМВ и кинески компании поднесоа тужба поради царините на ЕУ за автомобилите од Кина


Американската компанија „Тесла“ поднесе тужба против Европската комисија пред Европскиот суд на правдата поради наметнување тарифи за електричните автомобили произведени во Кина, приклучувајќи се на група кинески производители и германски БМВ, објави веб-страницата на судот.

ЕУ ги воведе тарифите на крајот на октомври, по истрагата која, како што рекоа, утврдила неправедна предност за кинеските производители поради државните субвенции.

Највисоката царина беше за кинескиот производител на електрични автомобили SAIC, од 35,3 отсто. Следува Geely со 18,8 проценти и BYD со 17 проценти.

Комисијата утврди најниска царинска стапка за увоз на автомобили произведени во Кина од американската „Тесла“, од 7,8 отсто.

Американската компанија поднесе жалба против Комисијата во врска со одлуката за тарифи минатата среда, последниот ден од жалбениот период, приклучувајќи им се на Geely, SAIC и BYD, Кинеската комора за надворешна трговија CCCME и германската БМВ, покажуваат судските документи.

БМВ ги произведува електричниот SUV BMW iX3 и електричниот Mini Cooper во Кина со партнери, кои ги продава на пазарот на Европската унија. Европската комисија ќе им наштети на европските интереси со царини, изјави во јуни шефот на БМВ, Оливер Зипсе.

Европскиот парламент во извештајот објавен во октомври цитира „повеќе извори“ дека кинеските компании (како што се BYD, Nio и Xpeng) сè уште извезуваат релативно малку автомобили и дека две третини од кинескиот увоз во ЕУ се возила произведени од воспоставените ЕУ и САД компании во Кина“.