Тешки разговори на Ескобар, Лајчак и Вучиќ за Косово


 

По разговорите со косовскиот премиер Албин Курти и со претставниците на косовските Срби, двајцата специјални пратеници за Балканот на САД и ЕУ, Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак, денеска попладна одржаа една средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, а за во 22 часа беше најавена уште една.

Ескобар оцени дека средбата со Вучиќ била тешка и долга, објави американската амбасада на својот официјален Твитер профил. Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак на својот Твитер профил објави дека имал „тешка и одговорна дискусија“ со претседателот на Србија.

„Ја цениме посветеноста на претседателот за мир и стабилност. Продолжуваме“, изјави Ескобар по попладневната средба во Белград со Вучиќ.

Лајчак на својот Твитер профил објави дека имал „тешка и одговорна дискусија“ со претседателот на Србија.

„Ја пренесов пораката и посочив дека сѐ што е договорено во дијалогот меѓу Белград и Приштина мора да се спроведе, вклучително и Договорот за слобода на движење од 2011 година. Разговорите ќе ги продолжиме вечерва“, рече Лајчак.

Прво разговарале Лајчак и Вучиќ, за потоа ним да им се придружи и Ескобар.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ соопшти дека разговорите одржани околу 17 часот „не биле лесни“.

По средбата со Лајчак и Ескобар, Вучиќ преку Инстаграм им се обрати на „граѓаните на Србија“ со видео, нагласувајќи дека ќе се бори за мир и стабилност.

Додека Лајчак и Ескобар во одделни објави на социјалните мрежи го окарактеризираа разговорот како „тежок“, Вучиќ го употреби изразот „не така лесен“ и испрати охрабрувачки пораки до Србите од Косово.

„Се надевам на компромис, но секако ќе ги заштитиме интересите на Србите на Косово“, изјави Вучиќ.

Претседателот им порача на Србите во Косово дека секогаш ќе се бори за мир и стабилност и дека ни за секунда нема да отстапи од виталните српски национални и државни интереси.

Самиот Вучиќ истакна дека на средбата присуствувале амбасадорите на САД и ЕУ во Србија, Кристофер Хил и Емануел Жиофре.