Тешки оценки на Вашингтон: Бугарија е заглавена во корупција
Американските санкциите за шест бугарски граѓани, од кои три многу важни личности внесоа бура во бугарската јавност не 40 дена пред изборите. Луѓето од листата се обвинети за корупција. Американската амбасадорка во Софија вели дека корупцијата во Бугарија е ендемична
Бугарската јавност денеска е растресена од воведувањето на санкциите од страна на САД за шест лица од политиката и безбедносните служби, од кои тројца се многу влијателни личности. Сите нив администрацијата на Џо Бајден ги обвинува за висока корупција.
Ова дополнително ќе ја измеша политичката сцена во Бугарија пред изборите на 11 јули, иако американските претставници наведуваат дека немале таква намера.
„Фокусот ни е корупцијата“, изјави американската амбасадорка во Софија Херо Мустафа во средата вечерта за бугарските новинари. Во Софија е присутен високиот функционер на министерството за финансии Пол Ахерн.
Тој во изјавата за новинарите рече дека не станувало збор политичка интервенција на САД пред изборите. „Ова не е политичка акција. Немаше начин да се знае дека ќе има избори во јули кога ја започнавме оваа истрага. Кога ги собравме доказите, знаевме дека мора да постапиме веднаш штом ќе завршиме“, рече Ахерн.
Интересно е што Ахерн во Софија ќе има средби со многу луѓе – од претседателот, судските власти, лидери на политички партии, активисти од граѓанскиот сектор, но, како што наведуваат бугарските медиуми, едно име недостасува – јавниот обвинител Иван Гешев. За време на минатогодишните протести на граѓаните Гешев беше оценуван како човек што ја брани корупцијата на политичките елити и олигарсите наместо да ја гони.
На прашањето дали Соединетите Држави се подготвени да ги достават сите достапни информации до бугарското обвинителство, Ахерн, во уште еден удар за обвинителот Гешев и досегашната владејачка структура, рече дека институцијата ќе има пристап само до официјалното соопштение. Тој нагласил дека во студијата биле користени сите извори на информации – отворени податоци, новинарски публикации, податоци од странски партнери и информации од американски институции.
Трите познати личности за кои САД воведоа санкции се Делјан Пеевски, поранешен пратеник на партијата ДПС и исклучително влијателен човек во политичките, безбедносните и бизнис кругови; Васил Бошков, познат бугарски олигарх; и Илко Желјазков, поранешен заменик-директор на Државната агенција за технички операции. Другите три лица се: поранешниот заменик-министер за економија, Александар Манолев, поранешниот претседател на Државната агенција за Бугарите во страство, Петар Харалампиев, и државниот секретар во истата агенција, Красимир Томов. Сите шестмина се ставени на листата на санкции поради корупција.
Последните двајца беа обвинети дека земале мито за издавање на бугарски пасоши, особено на Македонци. Двајцата беа уапсени во 2018 година поради корупцијата при издавањето пасоши. Судењето за нив почна во септември 2020 но беше прекинато поради пандеијата на корона вирусот.
Делјан Пеевски попладнево испратил писмо до бугарските медиуми во кое ги оптфрла наводите на одлуката според познатиот „закон Магницки“ и вели дека е целосно невин. „Изјавувам дека ваквиот акт е апсолутно недопустлив, пристрасен и не е во согласност со духот и значењето на овој закон. Јас не сум државен службеник и не учествував во коруптивни практики, а наведените причини за изречените санкции не содржат никакви вистински факти“, рече тој. И дека преку своите адвокати во САД ќе се борел против санкциите.
Во американското соопштение Службата за контрола на странски средства за Пеевски се наведува дека е „олигарх кој редовно бил вмешан во корупција, користејќи продажба на влијанија и мито за да се заштити од јавната контрола и да ги контролира клучните институции и сектори во бугарското општество“.
Американската амбасадорка Мустафа на новинарите им ја кажа пораката што треба да стигне до јавноста околу политичката елита. „Од сите слушаме колку е важна борбата против корупцијата во Бугарија. Ова не е насочено кон одредена личност, партија или институција. Корупцијата е ендемична. Корупција има и во САД. Никогаш не сум рекла дека сме совршени, но пораката е дека никој не е над законот. Ако народот каже дека сака Бугарија да има одржлива демократија со просперитетна економија и да биде лидер во регионот, тоа не може да се случи со корупција. Парите вклучени во овој случај (со Бошков и Пеевски) се значајни. Тие доаѓаат од даночните обврзници. Од вас. Пораката до секој политичар е да го слуша народот. Направете ги сите потребни реформи за да може навистина да се гони корупцијата“, порача амбасадорката.
Таа уште рече: „Во нашата листа имаме судија, поранешен владин функционер, олигарх, политичар, бизнисмен… Кога имаме корупција на сите овие нивоа, ние не сме тие што ќе донесат промени. Тоа сте вие. Од вас зависи како ќе се справите со ова. Ние сме ваш партнер, пријател и сојузник“, им порача амбасадорката Мустафа на бугарските граѓани. (Н.В.)