Тешка средба меѓу Вучиќ, Курти и европските функционери
Вечерва во Брисел заврши клучната средба на која се разговараше за односите меѓу Србија и Косово и француско-германскиот план. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти, за идните односи меѓу Белград и Приштина, според предлогот на претставниците на Франција и Германија, а кој е поддржан од САД.
„Тешка средба. Како што се очекуваше. Нема предавање“, напиша Александар Вучиќ на Инстаграм.
Средбата меѓу Вучиќ и Курти со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, започна нешто пред 18 часот, околу 45 минути подоцна од планираното, пишува агенцијата Бета. Средбата заврши, како што пренесуваат медиумите, нешто по 20 часот. Засега нема детали што било договорено на средбата и дали од неа може да произлезе некаков успех, иако тоа беше најавувано претходните денови.
Борел и Лајчак претходно одвоено разговараа со Курти и Вучиќ, по што дојде до непланирана пауза.
Борел, непосредно пред средбата со Вучиќ и Курти, изјави дека во фокусот на денешната средба со Вучиќ и Курти е предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и изрази надеж дека двете страни ќе имаат конструктивен пристап кон преговорите.
Според соопштението на Европската служба за надворешни работи главна тема на денешната рунда дијалог е „Предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, познат и како француско-германски план.
За време на разговорите Вучиќ во Брисел се сретна со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.