Тешка сообраќајка во Словенија, загинаа тројца македонски државјани


Тројца државјани на Северна Македонија загинаа денес во тешка сообраќајна несреќа на Приморскиот автопат во Словенија. Уште две лица се повредени, а едно од нив е пренесено во болница со хеликоптер, јави Хина.

Несреќата се случила помеѓу Унец и работната зона пред Равбаркоманда, во правец на Копер. Словенечката полиција го добила извештајот во 16:28 часот.

Според првичните резултати од полициската истрага, камионот се расипал и останал да стои во специјално одредена ниша за запирање на возила по автопатот. Возачот на патничкото возило потоа удрил во задниот лев дел од неговата приколка.

Во автомобилот имало пет лица, сите државјани на Северна Македонија. Лекар на местото на несреќата ја потврдил смртта на три лица.

Едно повредено лице е пренесено во болница со хеликоптер, додека повредениот возач на автомобилот е однесен со брза помош. Тежината на нивните повреди сè уште не е објавена.

Автопатот до Копер беше затворен по несреќата, предизвикувајќи долги редици.