Тешка артилерија на Мухамед Зекири против ДУИ


Неочекуваното, па дури и гневното прекинување на седницата на Собранието од страна на претседателот Талат Џафери, ја покажа комплицираната ситуација во владината коалиција дури и на неколку дена пред распуштањето на парламентот. Тирадата на Џафери за Фејсбук објавите, во кои тој (а и неговата партија) се најде особено погоден, пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, ја оквалификува како обновување на побратимството со ВМРО-ДПМНЕ.

„Талат и ДУИ уште еднаш го покажаа нивното вистинско криминално лице заедно со нивните побратими од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ја обновија нивната криминална коалиција и коалиција на тесните интереси на одредени кругови во нивните редови.
Срамота!“

Еден од најблиските луѓе на Али Ахмети, Артан Груби, веднаш се вклучи во гаснење на пожарот, објаснувајќи дека ДУИ без задршка ги поддржува законите за јавното обвинителство, иако не се знае како таа поддршка би можела да се ефектуира во наредните два дена пред распуштањето на парламентот, кога денес треба да се расправа и за разрешувањето на министерката за труд Рашела Мизрахи

„ДУИ целосно ги поддржува законите за јавно обвинителство, советот на јавни обвинители, за одбрана, изборниот законик со корекција на изборните единици, како и Преспанскиот, Охридскиот и добрососедскиот договор.

Ние сме убедени дека законите и одлуките ќе се донесат пред распуштање на Собранието“, напиша Груби на Фејсбук.

Вчерашната драма во Собранието беше знак дека трпението на СДСМ по однесувањето на коалицискиот партнер ДУИ, изгледа е при крај. Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, преку Фејсбук, а потоа во една телевизиска дебата, најави дека на СДСМ му е змачено од бескрајните нови барања на ДУИ, па најави и можно формирање на ново владино мнозинство и одење на регуларни избори наесен.