Терор во Иран, тела на убиените не им се даваат на семејствата


Храбрите ирански жени во Техеран

 Канцеларијата на Обединетите Нации за човекови права денеска изрази загриженост поради начинот на кој Иран се однесува кон приведените демонстранти и посочи дека властите одбиваат да предадат некои од телата на убиените.

Смртта на 22-годишната Махса Амини, уапсена од полицијата за морал, предизвика протести низ целата земја.

Групи за човекови права тврдат дека најмалку 250 демонстранти се убиени, а илјадници се уапсени.

– Сведоци сме на многу лош третман … но, исто така и на малтретирање на семејствата на демонстрантите, изјави портпаролката на Канцеларијата на високиот комесар за човекови права Равина Шамдасани на прес-конференција во Женева.

Таа се повика на повеќе извори.

– Особено загрижувачка е информацијата дека властите преместуваат ранети демонстранти од болници во притворни центри и одбиваат да предадат тела на убиени на нивните семејства, нагласи Шамдасани.

Како што истакна таа, во некои случаи властите поставувале услови за предавање на телата и барале од семејствата да не организираат погреби или да не разговараат со медиуми. Дополнително, на приведени демонстранти понекогаш им била ускратена медицинска помош.