Тереза Меј со најава: На 7 јуни ќе поднесам оставка

Фото: euronews.com

Британската премиерка Тереза Меј порача дека на 7 јуни ќе се повлече од функцијата. Веста од Островот е топ тема во сите светски медиуми и истовремено ја најавуваат трката за нов претседател на Владата чиј приоритет ќе биде откочување на Брегзит.

„Ќе поднесам оставка на местото лидер на конзервативците и унионистите на 7 јуни за да избере наследник“, истакна Меј на прес-конференција пред седишето на британската влада.

Оставката во партија значи и заминување од функцијата премиер што ја извршуваше во последните три години. За својата намера ја информирала и кралицата.

Меј пред новинарите рече дека дала максимум да постапи во рамки на исходот од референдумот во 2016 година на кој британските граѓани се изјаснија за истапување на земјата од Европската унија, пренесува „Би-Би-Си“.

Направила, како што нагласи, се што можела за убедување на пратениците да го поддржат договорот за Брегзит и истакна дека длабоко жали што не успеала да ја спроведе одлуката за излез на земјата од ЕУ. Говорницата на Даунинг стрит ја напушти во солзи.

Агенцијата „Ројтерс“ пишува дека заминувањето на Меј ќе значи продлабочување на кризата за напуштање на Велика Британија на Унијата, а новиот лидер ќе води поодлучна политика што веројанто ќе резултира со можноста за распишување на вонредни парламентарни избори.

Францускиот претседател Емануел Макрон во коментар на одлуката на Меј ја оцени нејзината работа околу Брегзит како храбра, но нагласи потреба и од непречено функционирање на Унијата што наложува брзо разјаснување, наведува „Би-Би-Си“.

Германската канцеларка истакна дека ја почитува одлуката на Меј и најави дека Берлин ќе остане на определбата за блиска соработка со Лондон за осигурување на уреден Брегзит.