Теретаната на Мицкоски го подели МВР


Теретаната во која се гледа Христијан Мицкоски ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од опозицијата тврдат дека истрагата на МВР , т.е. на министерот Наќе Чулев, покажала дека снимката на Мицкоски како излегува од теретана е стара и нелегално добиена, додека дополнителната заменик-министерката Славјанка Петровска соопшти – дека истрагата воопшто не е ни завршена.

„Денес како меур се распрсна лагата креирана од СДСМ фалсификаторска, преку безброј лажни вести изминатиов викенд кои што ги креираа, а во врска со наводното посетување на фитнес центар од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во време на воведена вонредна состојба.

Институционалната истрага од страна на МВР, преземајќи ги сите протоколи за утврдување на случајот, потврди дека оваа снимка е од пред повеќе од половина година и дека сѐ е согласно законот. Значи, СДСМ фалсификаторска свесно ги лажела и манипулирала граѓаните. Бараме уште веднаш, јавно да се извинат од СДСМ фалсификаторска за ширењето на лажни вести и свесно замајување на јавноста. Исто така, јавно прашуваме и бараме да се истражи до крај, кој го следи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и ја загрозува неговата безбедност“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Наќе Чулев вечерва во гостувањето на ТВ24 изјави дека тричлена комисија на внатрешната контрола дошла до заклучок дека снимката е од пред ноември минатата година и дека обезбедувањето не носи нараквици, туку тоа било отсјај од светлото врз рацете на двајцата мажи.

Славјанка Петровска, пак, тврди обратно:

„МВР сѐ уште не утврди од кога потекнува снимката и затоа никој, па ни Чулев, не може да тврди дека истрагата е завршена“, напиша Петровска на Фејсбук.

Таа додаде дека случајот со Мицкоски и теретаната нема да се затвори „затоа што некој има наредба по секоја цена да ги заштити Мицковски и Бисовски“.

„Бидејќи МВР сѐ уште нема утврдено на кој датум е направена снимката, истрагата за потенцијално неодговорното и несовесно однесување на лица кои во време на пандемија ги кршат мерките сѐ уште не е завршена. Кривично дело е и прикривање на кривично дело. Обидите МВР да се претвори во МВРО-ВМРО ќе бидат неуспешни. Одговорност мора да има за секој кој неодговорно се однесува, без оглед на неговата позиција во општеството“, напиша Петровска на Фејсбук.