Терасите на Кеј „13 Ноември“ ќе бидат широки само два метра


Фото: Б. Грданоски

Билјана Богдановска

Долгонајавуваната реконструкција на кејот зад ГТЦ во Скопје почна со уривање на терасите на кафулињата, кои повеќе години се наоѓаа во средината на шеталиштето.

Сопствениците на кафулињата, деновиве,  сами ги отстрануваат терасите, а за возврат ќе добијат дозвола за тераси веднаш до влезовите во објектите.

Сепак, терасите ќе треба да бидат широки само два метра, појаснуваат од Општина Центар.

– Два метра ќе бидат широки терасите покрај излозите на кејот. Секое кафуле ќе може да постави урбана опрема, а ќе може да се покријат и со настешници. Но, тоа ќе мора да се направи според правилата усвоени на седница на Советот на општината, односно не може да се поставува каква било опрема, туку ќе треба да е воедначена – велат од Општина Центар за „Независен весник“.

Фото: Б. Грданоски

Веќе подолг период Општина Центар е одлучна да воспостави ред со поставувањето времени објекти и урбана опрема на својата територија. Целта позади оваа тенденција е нерешеното прашање како се користат јавните површини, кој сѐ ги користи и под кои услови. Документацијата се донесува и со цел усогласување со Град Скопје за надлежностите за поставување на урбана опрема на јавни површини – соопштија вчера од Општината.

За таа цел Советот на Општина Центар, на последната 61-ва седница ги донесе Програмата за поставување урбана опрема за дел од подрачјето на Општина Центар за период од 2020-2025 и Одлуката за утврдување потреба за поставување на урбана опрема и условите, начинот и постапката за издавање одобрение за поставување урбана опрема на јавни површини.

Фото: Б. Грданоски

Со овие одлуки законските надлежности на Општина Центар ќе бидат издавање на одобренија за поставување на сите видови урбана опрема на јавни површини на дел од територијата на Општина Центар, дел кој е опфатен со Програмата за поставување урбана опрема.

– Со програмата за поставување урбана опрема се уредува видот и големината на урбаната опрема која се поставува на јавни површини, како и можните локации и зони каде да се поставува. Програмата опфаќа дел од територијата на Општина Центар, опфатите дефинирани со деталните урбанистички планови: Дебар Маало 1, Дебар Маало 2, Централно зеленило покрај реката Вардар и Мал ринг – појасни градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Засега, оваа одлука важи само на дел од територијата на Општина Центар, но таа го опфаќа и Кејот.

Фото: Б. Грданоски

– Град Скопје започна со градежните работи за целосна реконструкција на Кејот „13 Ноември“, со што ќе се реши хаосот и безредието кое владее на овој дел од центарот на градот. Со овој проект целосно ќе се преуреди партерот. Во оваа фаза се врши отстранување на терасите од страна на локалите коишто таму беа поставени во минатото. Отстранувањето на терасите го вршат самите угостители. Проектот беше претставен на јавноста, а веќе нема да има централни т.н. тераси во средината, тоа ќе биде целосно еден јавен простор што ќе служи на граѓаните како шеталиште – велат од Град Скопје за „Независен весник“.

Фото: Б. Грданоски

Со цел да се излезе во пресрет на барањата на угостителите, кои сами ги рушат средишните тераси, ќе добијат дополнителен простор за терасите кои се дел од самите објекти, додаваат од Град Скопје.

Според неодамна презентираниот проект за изгледот на кејот, партерно ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти.

Предвидено е целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“. Ќе се ослободи повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила, имајќи предвид дека Градот има обврска кон „Телеком“.

Фото: Б. Грданоски

За да се стигне до објектот на „Телеком“, кој се наоѓа на почетокот на шеталиштето од кај плоштадот ќе биде изградена сервисна улица која ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9.30 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат – појасни градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на презентацијата на проектот.

Дотурот на стока ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар.

Целиот проект чини 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје.