Тепачката била зад грбот на Беким Незири, тврди неговиот адвокат


Беким Незири е влијателен функционер во ДУИ

 

Кривичнииот совет денеска расправа за жалбата на Јавното обвинителство околу неопределувањето притвор за Беким Незири и уште тројцата насилници кои упаднаа во М-НАВ. Незири од ДУИ е еден од осумтемина осомничени за насилниот упад во Навигација кој се случи пред точно една недела.

Незири дојде нормално во Судот, во придружба на својот адвокат Еленко Миланов.

Во изјавата од пред Кривичниот суд, Миланов кажа дека не е точно оти инцидентот се случил во контролната кула во М-НАВ, ниту дека биле нападнати контролори кои во моментот извршувале работни задачи.

„Целата фама околу овој настан започна со една дезинфомација која постојано се повторува и на таа дезинформација се засноваат сите досегашни изјави и коментари како на стручната, така и на нестручната јавност, а тоа е дека што било се случило во контролната кула. Во овој настан ниту има нешто што се случило во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту, пак, со лице коешто во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно што ја направи оваа фама и разногласие“, изјави Миланов.

 Според него, Незири немал намера да бега:„Беким се јави во рок од половина час на поканата од полициската станица, ги даде сите свои наводи кои имаше потреба да ги даде, еве и денеска се појави пред Судот, што јасно кажува дека ниту мисли да бега, туку сака да го докаже она што реално се случило во коешто тој нема апсолутно никаков придонес“.