Тепачка во скопски „Водовод“ за тоа на кој спрат да се одржи седница на Управниот одбор


Фото: Б. Грданоски

Во скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ денеска се степале членовите на Управниот одбор и обезбедувањето. Инцидентот за Мета.мк го потврдија и од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„На 03.11.2023 година во 13.30 часот лице од Управен одбор на „Водовод“ пријави дека во просториите на „Водовод“ дошло до нарушување на јавниот ред и мир. Полициски службеници од ПС Центар се упатени за расчистување на случајот“, потврди МВР.

Како што објави порталот СДК, проблемот настанал откако по наредба на директорот Драган Илиевски им било забрането да држат состанок во канцеларијата на 4 кат, каде што со години се одржувале состаноци. Им било речено да одат на петтиот, најгорен кат, каде нема канцеларија туку треба да држат состанок во ходник. Членовите на УО не прифаќале да одат на петтиот кат, но обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата, по што настанала тепачка.

Членовите на управниот одбор на ЈП „Водовод и канализација“ беа избрани од Советот на град Скопје, каде што мнозинството го има опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тие беа избрани во периодот додека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, беше во добри односи со оваа партија. Директорот на претпријатието Драган Илиевски пак е назначен од Данела Арсовска.