Теофил Панчиќ: Вучиќ ќе владее уште долго, освен ако не се случи нешто непредвидливо
Освен сите тие Туѓмани, Милошевиќи, па сѐдо Вучиќ, голема е одговорноста, секако, кај интелектуалните елити кои создадоа атмосфера на вредности во која племенската припадност стана поважна од елементарната човечност. Тоа нѐ влече назад цело време.
Ова го изјави познатиот новинар Теофил Панчиќ во интервју за најновиот број на српскиот магазин „Карактер“.
Тој додаде дека во последните девет години, колку што се на власт луѓе кои буквално имаа крвави раце од 1990-тите, го перат мозокот и го одредуваат типот на сеќавањата.
„Се митологизираат некои работи, како бомбардирањето или Кошаре (битка од јуни 1999 година за време на бомбардирањето на НАТО – н.з.). Како што по Втората светска војна, комунистите направија седум офанзиви, па Сутјеска, па Неретва“, изјави новинарот.
Панчиќ вели дека со промената на власта во 2012 година, всушност паднала петооктомвриската република.
„Тоа не беше обична промена на партиите на власт, природно е да се сменат, тоа беше промена на парадигмата. Живееме во општество кое буквално е во некаков политички апартхејд на најелементарно ниво. Откако дојде оваа екипа на власт, јас со два-три исклучоци не сум бил на промоција на некоја книга и да да зборувам за литература, а не за политика, за Вучиќ. Самиот факт што мислите слободно – вие сте исклучени, вашето име не смее да стои на плакатот, нема да бидете поканети во јавни институции, библиотеки, културни домови, културни центри. Да ме поканеа, тогаш ќе ‘рибаа’ некој директор таму бидејќи го поканил Теофил Панчиќ“, вели Панчиќ.
Кога победи Томислав Николиќ во 2012 година и кога беше јасно дека ќе формира влада, се сеќава Панчиќ, во колумна го проектирал нивното владеење најмалку десет години.
„Тогаш ми се чинеше дека тоа е минимум. Би сакал да остане на тоа. Но не сум сигурен и покрај сите овие билдања, де Вучиќ е сѐ послаб, дека тоа е сѐ покревко. Воопшто не е така. Да не беше бомбардирањето, Милошевиќ ќе владееше ако беше жив. Како Лукашенко. Вучиќ ќе владее уште долго, освен ако не се случи нешто непредвидливо, што би ги превртило работите, но не знам што е тоа. Зошто Милошевиќ падна за време на бомбардирањето? Затоа што го прекрши премолчениот договор со народот: ќе правам секакви срања, но надвор од Србија, затоа што овде никој не смее да ве тепа. Во моментот кога се појави посилен фраер и почна да тепа и Милошевиќ да може ништо да му направи, тој момент се распадна сојузот. Немам поим што ќе го раскине коруптивниот договор на Вучиќ со тивкото мнозинство во Србија“, изјави Панчиќ.
Тој додаде дека Вучиќ го уништи политичкиот живот и го скрши ‘рбетот на опозицијата, медиумите и граѓанскиот сектор, што не го направи ниту Милошевиќ.
Според него, нема спротивставени мислења, нема основно проветрување на јавната комуникација.
„Живееме во две сосема одвоени реалности, во кои едната зафаќа речиси 95 проценти од просторот, а другата се гужва во пет проценти“, истакна Панчиќ.