Тензии во Сараево – миса за Блајбург, полиција и собир на антифашистите


Во катедралата „Срце исусово“ во Сараево се одржа миса за „жртвите на Блајбург“ под заштита на силни полициски сили. Во исто време во Марин Двор се одржа собир на антифашистите и противници на мисата, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.

Кардиналот Винко Пуљиќ на мисата рече дека „жртвите не смеат да бидат заборавени“ и дека целта на молитвата е „да се покаже почит кон жртвите“. „Невозможно е да се биде присутен и да се учествува на оваа света миса за жртвите од полињата во Блајбург, без посебно треперење на срцето и чувствата на душата“, рече Пуљиќ.

Тој додаде дека сака „молитвата да ги прочисти присутните од сите горчливи чувства и негативните обвиненија што се појавуваат при споменувањетона жртвите“.

„Ние сме собрани во молитва да покажеме почит и да го чуваме споменот“, рече Пуљиќ во Соборниот храм.

Покровител на мисата беше хрватскиот парламент, а присуствуваа хрватскиот амбасадор Иван Саболиќ и претседателот на Федерацијата на БиХ, Маринко Чавара.

Катедралата за време на мисата беше обезбедена од силни полициски сили. Дел од граѓаните кои успеаја да стигнат до катедралата, носејќи транспаренти во кои се вели дека усташите биле фашисти, беа идентификувани од полицијата и им беа напишани прекршочни казни.

Организатор на централната комеморација е невладино здружение регистрирано во Австрија, „Почесниот вод на Блајбург“. Одлуката за одржување миса во Сараево е донесена откако беше решено годинава да нема традиционален собир на Блајбуршкото Поле во Австрија.

Неколку илјади луѓе беа на собирот на антифашистите и претставници на здружението на борците во Марин Двор во Сараево. Тие им оддадоа почит на жртвите од фашистичкиот терор за време на Втората светска војна и изразија спротивставување на денешната миса за „жртвите на Блајбург“.

Сараевските медиуми објавија дека луѓе од сите генерации биле присутни на собирот кај Марин Двор, некои во маички со натпис „Јас сум исто така антифашист“, а на маиците на помладите пишуваше „Но пасаран“. (Бета)