Тензии на границата Индија-Кина, војската на двете страни


 

Индија распореди најмногу воени трупи, повеќе од кога и да е, на границата со Кина, рече денеска индискиот министер за надворешни работи Субраманџам Џајшанкар.

„Денеска индиската војска е распоредена на границата со Кина како никогаш претходно и тоа е направено за да се спротивставимен на кинеското распоредување војска кое е зголемено од 2020 година“, рече Џајшанкар.

Тој одговори на прозивките од опозицијата, која обвини дека владата не презела ништо во судирите на границата со Кина.

Индиската новинска агенција, пишува дека индиските и кинеските сили на 9 декември се судриле во областа Таванг кога кинеските трупи се приближиле до границата, но индиските сили ги сопреле, а има повредени војници на двете страни.

Лошо дефинираната граница на Хималаите меѓу Индија и Кина предизвикува тензии со децении, а во 1962 година изби оружен судир меѓу двете земји, кога Кина анектира дел од индиска територија.

Во мај 2020 година судирите меѓу двете земји повторно се разгореа, по што следеа дипломатски и воени разговори, а Пекинг и Њу Делхи минатата година наводно почнаа да ги повлекуваат воените сили од границата.