Тензично во Собранието, опозицијата против договорот со „Макпетрол“


До кога ќе траат седниците и дали треба да се најавува нивното пролонгирање беше тема за кавга синоќа во Собранието, која беше дополнета и со опструирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ на одлуката за купување на гасоводот од „Макпетрол“.

Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски снимаше и објави видео од седницата, тоа го налути претседателот на  Собранието Талат Џафери кој пред полноќ имаше  прес конференција. Истовремено партискиот координатор Никола Мицевски обвини дека власта се обидува на шверцерски начин да носи закони, бидејќи опозицијата не била навремено и уредно известена за продолжението на седницата.

„Шверцерско носење на закони нема да дозволиме, ќе останеме до сабајле ако треба. Треба да не информирате кога и како ќе работиме“, порача претходно Мицевски од говорницата.

Со тропање по масите и свиркање, опозициските пратеници  го  попречуваа носењето на законот со кој на „Макпетрол“ ќе му се признае сопственост на 50 отсто во гасоводот во земјава и истиот ќе му се плати по цена од 33 милиони евра. Станува збор за Предлог-закон за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба. Опозицијата смета дека Владата на „Макпетрол“ сака да му плати екстра 14,2 милиони евра. Мицевски и неговите сопартијци и коалициски соработници обвинија дека владата е нетранспарентна, но и дека на ист начин работи Собранието каде седниците се продолжуваат до доцните вечерни часови.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов исто така се пожали дека собранискиот
псикер, Талат Џафери не им најавил до колку ќе трае седницата, па побара и вреќи за
спиење бидејќи како што рече, спремни се останат и до утре. Тој аргументираше дека дома имаат фамилии, но Џафери му возврати дека и тој има фамилија, а кога се кандидирале за пратеничката функција, тоа требало да им го кажат на гласачите.