Тенка е линијата меѓу костимографијата и модниот дизајн, вели Зорица Тодорова-Младеновиќ
Модата не е само да нацрташ ,,моден цртеж“, осмислувањето на креацијата е само почеток на процесот, а секој дел од него е дел и од модниот производ, вели во интервју за „Независен“, истакнатата костимографка Зорица Тодорова- Младеновиќ
Париз ѝ беше школа и за мода и за костимографија, а нашата соговорничка, Зорица Тодорова – Младеновиќ е и една од ретките во Македонија која работела во славното време на Ју-модата и на македонските филмови кои оставија трага во кинематографијата. Како професор на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет, ги држела предметите историја на костим и мода, креација на мода и конструкција на уникатна облека, а сега како пензиониран професор, пишува книги и сѐ уште е активна на филмот. Неодамна беше во фокусот на јавноста со фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, важен документ за историјата на костимот, модата и културата на облекувањето. Низ своето прецизно истражување, авторката не само што ги документира модните трендови туку и ги разоткрива сложените нишки на македонската култура, правејќи ја достапна и разбирлива за секој читател.
Дали модата е само гламур и зошто е тешко денес во Македонија да си моден дизајнер, во продолжение на интервјуто за „Независен“.
Автор сте на две раритетни книги кај нас ,,Како да станам моден дизајнер“ и „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ . Која е разликата, а која допирната точка меѓу костимографијата и модниот дизајн?
Костимографијата ја претставува целокупната историја на облекувањето, а со тоа и развојот на модата и модните трендови во облекувањето од самата појава на човекот па до денес. Што се однесува до модниот дизајн можам да констатирам дека истиот денес се менува речиси секој месец, а целта на промена е финансиска, односно зголемување на профитот. Сепак, што и да се дизајнира денес како мода, по некое време станува дел од историјата, историскиот развој, односно станува дел од костимографијата. Значи, костимографијата ја изучува историјата на модата, а модниот дизајн ни преставува облека што се препорачува да се носи веднаш по нејзиното појавување. Костимографот се труди да створи лик од некое време и да му помогне на глумецот да се вклопи во ликот што го претставува, додека модата или поточно модниот дизајнер помага на заинтересираната личност себеси да се афирмира, да го потврди својот идентитет и да се допадне (себе си и на другите).
Каде завршува црвениот килим и гламурот, а каде започнува макотрпната работа?
Ако не постои макотрпна работа нема ни црвен килим. Да се стигне до црвениот килим патот е долг. Ако се мисли на модниот црвен килим, зад него стои работата на многу професионалци кои си ја извршуваат својата задача. Најпрвин се дизајнерите и изработувачи на ткаенини, потоа тимовите на модните дизајнери кои ја осмислуваат облеката и кроевите, стилистите, но и тие што најпосле ја носат таа облека, ја промовираат и претставуваат пред јавноста. Многу вредни раце, многу креативни учесници за моделот да успее да се појави на модниот црвен килим.
Предававте Историја на облека и Модна креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ и ФОН, каде што се пензиониравте. Зошто кај нас досега нема литература за мода, а интересот за оние што сакаат да се занимаваат со модата е се поголем?
Ние сме земја која во својата историја, се разбира, по Втората светска војна, најпрвин создаваше фабрики за текстилни ткаенини, потоа се појавија многу конфекциски фабрики кои произведуваа облека, делумно модна, но сепак практична и функционална, наменета за широките народни маси, за дури потоа, постепено, да отпочне да произведува и по некое посмело модно производство. Во развојот на модата во светот познато е дека со појавата на новата генерација на млади во шеесетите години, наречена генерација Беби бум генерација (која имаше веќе свој критериум за облекување) се појави и линијата на облека наречена ,,спремно да се облече“ (Pret-a-porte, Ready to wear ). Тие облеки за тие нови генерации најпрвин ги реализираа познатите модни креатори, но со време во светот се формираа и специјални школи за модни дизајнери и се појавија млади модни дизајнери кои модата ја направија многу подостапна со пристојни цени и за младите. Се разбира, таа модна облека се произведува и денес. Тоа не е висока мода, но е мода достапна за секого што сака да се ,,носи“ модерно, трендовски. Во нашата земја модата почна благо да се изучува кон крајот на дваесетиот век и на повеќе факултети постојат одели каде што се подготвуваат модни дизајнери. Но, за жал, ние денес немаме фабрики каде би се произведувале нивните нови креации. Нашите конфекциски фабрики кои ги има во се помал број произведуваат само ЛОН производство. Работат по нарачка, шаблони донесени од странство. Модните креатори се принудени самостојно да го трасираат својот пат, лично да инвестираат во својата продукција, или пак да одат надвор од земјата каде што има работни места и за модни дизајнери.
Исто така, модниот дизајн денес и кај нас се изучува на повеќе факултети но досега немаше никаков прирачник или книга наменета за процесот на школување на моден дизајнер?
Како што реков, имаме факултети каде што се изучува модниот дизајн. Наши учебници за нив не постојат. Но тие млади знаат јазици, работат со компјутери и така се снаоѓаат да дознаат што се се случува во модниот свет. Но постојат и стручни предмети за кои секако се потребни и учебници. Колку модата е уметност, толку е и занает. Тие две нешта се во симбиоза и еден моден дизајнер треба да ги совлада. Модата не е само да нацрташ ,,моден цртеж“, односно своја лична креација. За таа креација треба да се знае за кого е наменета, дали ќе е во мода, како и кој ќе ја изработи, каков материјал да се употреби, но и како истата да стигне до потрошувачот. Еден долг ланец за совладување во кој треба да бидат вклучени луѓе од повеќе профили. Осмислувањето на креацијата е само почеток на процесот, а секој дел од него е дел и од модниот производ!
Една сте од ретките кај нас која работела во славното време на Ју-модата и на македонските филмови кои оставија трага во кинематографијата. Која е разликата меѓу тогашната и денешната мода?
Модата е мода. Ново и постојано ново, допадливо. Со појавата на колекцијата ,,New look,“ на Кристијан Диор на крајот на 1947 година се потврдија некои правила во модата. Имено, секој моден креатор се претставуваше на годишно ниво со две модни презентации (дефилеа) – едната за сезона пролет-лето, а другата за есен- зима. Модната линија се утврдуваше, модните детали како чанти, шешири, чевли и накит, акесосарите, исто така се потврдуваа и благодарејќи на модните списанија модата беше достапна во целиот свет, но сепак – само за најбогатите. Истата се копираше, се купуваа ткаенини, се шиеа моделите приватно, кај шивачки, и така секоја нова мода со своите правила беше достапна за секој оној кој сакаше да се носи „модерно“, а не можеше истото да го купи од некој светски познат дизајнер. Дури подоцна со развој на конфекциското производство, со прет-а-портето и облеката за широки народни маси модата стана поевтина и подостапна за секого. Со појавата на телевизијата, со интернетот секој оној кој се интересира може да знае што е модерно во моментот или што се носи. Многубројните бутици, модни продавници со познати имиња денес се достапни за секого. Изборот е голем но се зависи од длабочината на џепот и од вкусот на потрошувачот. Денес се произведува многу повеќе мода и облека отколку што е потребно.
Која дама од Македонија или од светот ви се допаѓа како се облекува?
Секоја модна линија во себе содржи многу допадлива облека. Лично не сум размислувала кој период од модата најповеќе ми се бендисува. Не сум имала ниту размислувања за која дама најубаво се облекува. Облеката е сопствен избор на секоја личност и зависи од вкусот, возможностите, од карактерот и потребите на таа личност. За вкусовите не би сакала да дискутирам. Модата се прави за секој да си одбере што му одговара и што му се допаѓа, за секој да си се пронајде и реализира во одреден стил.
Како е да се работи за писта, а како за филм?
На филмот костимографот му помага на глумецот да го долови ликот што го глуми, додека модниот дизајнер му помага на својот клиент да биде сигурен дека таа облека е за него, дека добро му стои дека го истакнува неговиот карактер, стил и начин на живеење.
Дали костимографијата го доби заслуженото место во Македонија како што е во Холивуд каде се добива и Оскар за оваа професија?
Ние немаме некое големо производство на филмови за да си дозволиме и делење на некој вид на оскари. Нашите филмови најчесто се нискобуџетни. Но сепак сме дел од светската кинематографија, некои наши филмови влегоа во трката за Оскар, а можеби некогаш и некој наш филм и ќе влезе во конкуренција за Оскар за костимографија или продукциски дизајн. Тоа можеби е сон, желба на некој помлад костимограф. Му посакувам среќа во реализацијата.
Во текот на богатата кариера, реализиравте околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Археолошкиот Музеј во Скопје, во Историските музеи во Ново село, Битола , Кавадарци и Ресен. Кој костим ви беше најтежок за реализација?
Сите костими на некој начин се комплексни за реализација. Најпрвин треба да истражувате, да прочитате литература, податоци, да се консултирате со историчари за карактерот на ликот, но и за неговиот физички изглед. Кај нас, впрочем и секаде во светот, има тендеција да се аграндизираат историските ликови, да се прикажуваат покрупни, повисоки, небаре се сите супермени, а во суштина, во реалниот живот – така сведочат нивните современици и за тоа зборуваат историските факти – тие биле пониски, поситни, некогаш и физички невпечатливи, а сепак направиле херојски подвизи и покажале сила и упорност во клучни моменти. Затоа и многу посетители на тие музеи, кога ќе ги видат некои од восочните фигури во живо, се изненадени од нивниот изглед – очекувале да бидат повисоки, покрупни. Но историските факти не можеме да ги менуваме, ниту да даваме лажна престава за некоја личност, барем не во историска поставка.
Понатаму, треба да ги познавате ткаенините и начинот на кој се изработувала облеката во времето во кое живееле ликовите претставени преку восочните фигури. Многу од костимите беа рачно шиени, а тканините ги купувавме по селски пазари, ги откупувавме од луѓе кои сочувале штоф, басма и лен од своите претци.
И најпосле, треба да го следите концептот на оној што ја обмислил музејската поставка, во каква сцена сака да го прикаже ликот. Можеби некој од историските личности бил стилски секогаш дотеран, кицош кој внимавал на својата облека, но ако историчарот сака истиот да го прикаже во затвор, тогаш ќе мора да носи затворска облека, а не најубавиот и најпретсавителниот костум што го имал и кој можеме да го видиме на некои од неговите фотографии.
Да резимирам, секој костим е предизвик, бара креативност но и компромис, секој е комплексен на свој начин. Дури и ако ликот носи само проста кошула и обични панталони, битна е ткаенината, шавовите, кројот, патинирањето на костимот, итн.
Како Париз ви влијаеше како жена и автор?
Моето студирање во Париз, а подоцна и честите посети на модните саеми, изложби и галерии мислам дека ме оформија како професионалец во моето работење, но ми ја покажа и реалноста каде живеам, колку можам да постигнам во и со мојата работа која и понатаму ја вреднувам како пионерска, бидејќи ние ја немаме традицијата на долго постоење на модата и на филмот, го немаме тоа искуство кое го изградиле нашите колеги во тие поголеми земји кои се со долга традиција и со многу побогат социјален и културен живот.
Како знаевте дека модата, уметноста и историјата ќе бидат вашиот живот? Растевте во такво опкружување, зашто и вашиот покоен брат Зоран Тодоровски беше истакнат историчар и долгогодишен директор на Државниот архив на Македонија., или околностите така се редеа?
Кога бев мала сонував да станам писател. Во гимназија сонував да бидам костимограф во Народниот театар кој се наоѓаше карши мојата таканаречена Женска гимназија, од спротивната страна на Вардар. Успеав да се запишам на Академијата за применети уметности во Белград, а потоа и на Високата школа за декоративни уметности во Париз. Моето вработување во Македонската радиотелевизија по завршувањето на студиите дојде спонтано, бидејќи имав можности да бидам костимограф. Модата си дојде сама по себе, по мојата специлизација на Високата школа на францускиот синдикат за Висока мода во Париз. Тогаш имав можности да се запознаам со повеќе начини на изработка на модели, но и да посетувам многу модни ревии, дефилеа (така ги се викаат во Франција) во најпознатите модни куќи. Тоа мое големо искуство од Париз, веројатно и вродена љубопитност, но и собраното знаење од моите тетки кои беа носители на модата во нивните времиња (кога маалскиот шнајдер беше тој што ја овозможуваше модата) ми овозможи покрај костимографијата да се занимавам и со модата. Јас работев во времето кога кај нас постоеа околу педесетина фабрики кои конфекционираа облека, а се уште немаа создадено стручен кадар за креирање на модните дизајни. Во осумдесетите години во СОЗТ ИНТЕКС го формиравме ,,Центарот за современа мода и креации“ преку кој работев во повеќе текстилни фабрики. Секако имав и свои модни ревии кои секогаш броеја по повеќе од 90 модели. Што се однесува до филмот, уште во 1967 година, со незавршен факултет, бев костимограф на играниот филм ,,Мементо“ на режисерот Рули Османли. Потоа следеа многу други костимографии. Работев и на филмови како ,,Прашина“ и ,,До балчак“ каде правев костими од времето околу Илинденското востание. Тој период на костимот во Македонија го познавав и проучував долго и така успеав подоцна да ги изработам сите костими за восончите фигури по музеите во Македонија. Што се однесува до мојот брат Зоран Тодоровски, кој многу го сакав и почитував, тој беше помлад од мене седум години. Јас веќе работев костимографии кога тој се запиша на факултет. Го сакав и ја почитував неговата храброст да истражува еден дел од нашата историја кој не беше многу обработуван и да изнајде документи многу значајни за нашата историја. Жалам што така ненадејно не напушти, а имаше во план да изнапише уште многу нешта кои ги имаше пронајдено по архивите во повеќе земји, а се однесуваа за нашата Македонија, беа битни за нас и нашиот идентитет.
На што работите сега?
Промоцијата на книгата ми се поклопи со работењето на играниот филм со работен наслов ,,Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи. Среќна сум што се уште можам да работам на филм во кој играат околу деведесетина глумци, и во кој има повеќе од 300 костими. Дејствието во филмот се случува во денешно време и не е едноставно да го оформиш ликот со облеката и сето тоа да изгледа природно а не ,,костимирано“.
Идните планови?
Со нетрпение чекам заедно со уредничката на Арс ламина Бисера Бендевска да ја дооформиме за печат мојата најнова книга ,,Историја на облеката од праисторијата до денес“ за која веќе имаме издвоено повеќе од 800 илустрации кои го дополнуваат текстот и визуелно ни ги преставуваат облеките од сите тие различни временски периоди.
Се разбира дека ми е потребен и одмор и со нетрпение го чекам летото. Го сакам Мавровското езеро, Охридското езеро, бањите и, се разбира, и Егејското море, па ќе се одмарам, ќе патувам и ќе уживам во сите тие убавини.