„Темната страна на Римската историја“ – Скупи во центарот на изложбата во Франкфурт
Во Археолошкиот музеј во Франкфурт вечерва ќе биде отворена нашата изложба насловена „Темната страна на Римската историја“. Изложбата е приказ на масовната гробница откриена во Скупи, еден од најважните римски градови на Балканот.
Како што јави известувачот за МИА од Франкфурт, изложбата беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи.
Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид во изјава за МИА посочи дека на отворање на изложбата се очекува да пристигнат околу 50 до 75 посетители, но се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.
-Сега е период на божиќни и новогодишни празници, но сепак изложбата ќе биде отворена до јуни следната година и очекуваме дотогаш да ја видат над илјада посетители. Во текот на годината во музејот имаме околу 50 илјади посетители, оптимист сум дека сите ќе ја видат и оваа изложба. За нас е важно изложбата да биде видлива и да се запознаат посетителите за откритието на масовната гробница во Скупи, изјави Дејвид за МИА.
„Темната страна на Римската историја“ премиерно беше прикажана во Музејот на Град Скопје во 2017 година, потоа во Подгорица во Црна Гора, во Требиње во Босна и Херцеговина, како и во Белград.
Изложбата дава уникатна видливост на масовната гробница на обезглавените римски војници во Скупи во римскиот период и претставува поттик за понатамошното истражување на ова место.
Претходно, на 26 ноември, шестмина специјалисти предводени од заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер го посетија Скопје, каде беше потпишан и меморандум за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје.
Од Музејот на Град Скопје за МИА брифираа дека овој меморандум претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.
Претставниците од Германскиот археолошки институт во рамки на нивната посета на Скопје остварија и средба со претставници од Министерството за култура на Северна Македонија.
Изложбата „Темната страна на Римската историја“ во Франкфурт ќе биде отворена шест месеци за посетители.