Темите за националниот идентитет доминираат на локалните избори: Извештај на ОБСЕ
И покрај техничките подготовки и подобрувањата во изборниот закон, голем дел од претходните препораки остануваат неисполнети, а ризиците од злоупотреба на ресурси и притисоци врз гласачите се присутни

Локалните избори во Македонија, закажани за 19 октомври, ќе се одржат во општествен и политички контекст што останува длабоко поларизиран, оценува Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во својот преоден извештај објавен на 3 октомври. Според Мисијата за набљудување на изборите (МНИ), недовербата во институциите, перцепцијата за раширена корупција и тензиите околу националниот идентитет и етничката застапеност продолжуваат да го одредуваат амбиентот на изборите.
ОДИХР нагласува дека изборите се одвиваат во време на засилени дебати околу неопходните уставни измени за напредок кон Европската унија и во услови на општествено незадоволство засилено по трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, кој дополнително ја разниша довербата во институциите.
Иако изборниот процес е уреден со Уставот и Изборниот законик, голем број од препораките на ОДИХР дадени по претходните избори остануваат неисполнети. Дел од нив се однесуваат на сеопфатна ревизија на Изборниот законик, поголема транспарентност и одговорност во финансирањето на кампањите и поефикасни механизми за спречување на злоупотреба на административни ресурси. Измените од 2024 година внеле одредени подобрувања, но и создадоа нови правни празнини, како во случајот со поддршката за независни кандидати, која мораше ад хок да ја регулира Државната изборна комисија (ДИК).
ОДИХР забележува дека изборната администрација технички ги спроведува подготовките без поголеми одложувања, но дел од општинските изборни комисии се соочуваат со потешкотии при назначување на членовите на избирачките одбори и со недостиг од финансиски и кадровски ресурси. Иако седниците на ДИК се јавни и достапни онлајн, извештајот нотира дека записниците често не се објавуваат навремено.
Регистарот на гласачи опфаќа околу 1,83 милиони лица со право на глас, од кои 1,72 милиони живеат во земјата. Мисијата повторно ја посочува долгогодишната загриженост за точноста на избирачкиот список и присуството на голем број граѓани кои се запишани на адреси во земјата, а реално живеат во странство, што може да влијае на транспарентноста и довербата во процесот.
Во делот на кандидатурите, ОДИХР информира дека се пријавени 577 советнички листи и 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32, или околу 10 отсто се жени. Иако законската родова квота од 40 проценти за советничките листи се почитува, жените и понатаму се маргинализирани во политичкиот живот. На изборите во 2021 година, од 81 градоначалник, само две се жени.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во својот преоден извештај констатира дека медиумите во Македонија и понатаму се поделени по политички и етнички линии, функционирајќи на ограничен пазар на рекламирање и со намалени професионални капацитети. Телевизијата останува доминантен извор на информации за граѓаните, но влијанието на онлајн медиумите и социјалните мрежи постојано расте често без ефективен регулаторен надзор.
Иако Уставот ја гарантира слободата на изразување, а Изборниот законик бара фер и избалансирано известување, ОДИХР забележува дека во пракса политичката пристрасност и медиумската концентрација ја нарушуваат рамнотежата во покривањето на изборната кампања.
Македонската радиотелевизија (МРТ) има законска обврска да посвети по 30 проценти од известувањето на владејачките и опозициските партии и 10 проценти на вонпарламентарните актери, како и да обезбеди бесплатен медиумски простор и дебати меѓу кандидатите. Но во реалноста, капацитетот за организирање дебати, особено на локално ниво, останува ограничен, а јавниот сервис често се соочува со критики за недоволна застапеност на критички тон кон власта.
Политичкото рекламирање во медиумите за време на кампањата е финансирано директно од државниот буџет, според сложена формула која фаворизира големи партии. Таа предвидува дека најголемиот дел од средствата и времето за емитување (90 проценти) се распределува рамноправно на двете најголеми партии од власта и опозицијата, додека само 3 проценти од просторот се оставаат за вонпарламентарните партии и независните кандидати. ОДИХР предупредува дека оваа формула создава нееднакви услови за учество и ја ограничува плуралистичката дебата.
Извештајот дополнително укажува дека измените на Законот за медиуми од 2025 година, кои првпат воведоа доброволен регистар за онлајн медиуми, не резултирале со зголемена транспарентност или отчетност, особено кај порталите со нејасна сопственичка структура и политичка поврзаност.
Еден од најистакнатите инциденти во медиумскиот сегмент на кампањата, кој го нотира и ОДИХР, е спорот меѓу политичката партија Левица и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Партијата која со шест пратеници има пратеничка група, а не е една од двете најголеми партии во опозиција, не е опфатена во делот од Изборниот законик за финансирање на кампањата. Всушност, ваквите партии кои имаат пратеничка група, но не се меѓу двете најголеми партии во власта и опозицијата, со ваквото решение не можат да добијат средства. Таков е случајот со Левица и со партијата ЗНАМ. Но, финансирањето на ЗНАМ во овој случај е решено со Насоките на АВМУ каде се дозволува поголема политичка партија (ВМРО-ДПМНЕ) да ја финансира нивната медиумска кампања како нивен „поддржувач“. Левица нема таков поддржувач меѓу големите партии.
Левица, како што нотира ОБСЕ, смета дека тоа е дискриминација и дека медиумската рамнотежа е нарушена на системско ниво. Како што потенцираат оттаму, партиите кои имаат пратеници а немаат пратеничка група добиваат повеќе простор во медиумите и средства од буџетот.
ОДИХР го вбројува овој случај како илустрација на структурните ограничувања во регулативата за медиумско рекламирање, кои создаваат нерамноправни услови меѓу политичките актери и ја намалуваат конкурентноста на изборниот процес.
Во својот извештај, Мисијата потсетува дека државното финансирање на медиумските кампањи, иако со цел да обезбеди фер пристап, во пракса често води кон зависност на медиумите од јавни средства и засилува политички влијанија врз нивната уредувачка политика. (Мета)