Темишвар, Елефсина и Нови Сад ќе почекаат за престолнини на културата. Каде е тука Скопје?


Фото: Б. Грданоски

Поради пандемијата, која ја замре културата и го запре туризмот, минатогодишните престолнини на европската култура – хрватскиот град Риека и ирскиот Голвеј, ќе продолжат да ја носат титулата уште четири месеци. За трите града кои требаше да ја преземат во 2021 – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, едногодишното славење на европската култура е одложено за 2022 и 2023 година. Предлогот на Европската комисија беше усвоен од Европскиот совет и од Европарламентот.

Според ЕК, со оваа одлука за дополнителен период, до крајот на април, им се овозможува на Риека и Голвеј да ги прикажат подготвените програми кои не беа во можност да ги исполнат поради Ковид-19, а на другите три града, со ставањето на листа на чекање, им се остава време да се надмине падот во културниот и туристичкиот сектор и да ги соберат потребните инвестиции за своите амбициозни програми.

Градовите кои според календарот треба да бидат престолнини на европската култура во 2022 година – Каунас во Литванија и Еш во Луксембург, како и Веспрем  во Унгарија во 2023-та, според Комисијата се помалку погодени бидејќи сè уште имаат време да ги приспособат своите програми и да ги земат предвид различните идни сценарија.

Риека и Голвеј ја презедоа титулата од бугарскиот Пловдив и италијанскиот град Матера кои беа престолнини во 2019. Проектот на Риека има(ше) мото „Пристаниште на разновидноста“ и беа планирани стотици проекти меѓу 250 партнери од 40 земји. Културната програма на овој хрватски град се фокусираше на темите за водата, работата и миграцијата, зашто се поврзани со нејзиниот идентитет, но се  актуелни и во светот.

Мотото на културната програма на ирскиот град Голвеј, пак, беше „Пуштете ја магијата внатре“ и вклучи локални теми за јазикот, пејзажот и миграцијата – со европска и универзална релевантност, како и славење на светската литература.

„Европска престолнинина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива на тогашната министерка за култура на Грција Мелина Меркури.  Градовите се избираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот, заедниците и различните засегнати страни за да придонесе за долгорочен развој на градот и околниот регион.

Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата. Титулата е и можност за градовите да го сменат својот имиџ, да се стават на светската мапа и преку културата да промовираат одржлив туризам. 

Скопје кандидат за европска престолнина во 2028?

Во месец септември во 2018 година се формираше работна група која го почна процесот на работа на иницијативата Скопје Европска престолнина на културата 2028, координирана од Робер Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Работната група е составена од експерти во полето на културниот менаџмент, стратешко планирање и одржлив развој.

„Сите активности на Градот во културата (како што е реновирањето на Универзална сала) ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде европска престолнина на културата“ – изјави тогаш градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека речиси и да нема главен град во Европа којшто не бил кандидат за овој престижен статус и потсети дека да се биде европска престолнина на културата, не значи само богата програма на настани, туку и заграбување и оживување на нови културни простори.

„Тоа е потврда на културната различност на Европа и илустрација за тоа како културата обединува и не знае за граници. Таа се повеќе зазема важно место во развојот на градовите, но и претставува двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој. Искуството од досегашните европски престолнини на културата вели дека за секое вложено евро, Градот инкасира 8. Токму затоа, оваа титула ќе значи и зголемен број на странски туристи, и препознатливост, и поголем развој. Годината 2028 ќе дојде набрзо и ќе помине, но она што овој град ќе го добие како наследство од сето тоа, ќе трае со години. Покрај тимот предводен од Роберт Алаѓозовски како стратешки координатор, јас искрено верувам дека во 2028 година Скопје ќе биде Европска престолнина на културата и ќе се вброи во редот на еден Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген…“– рече Шилегов.