Темелковска: Раната детекција е клучна во третманот и исходот на болеста рак на дојка
Раната детекција е клучна во третманот и исходот на болеста рак на дојка. Ова го нагласи денеска д-р специјалист Светлана Темелковска на трибина во болницата во Кавадарци. Таа е претседател на националната комисија за скрининг на рак на дојка.
Докторката потсети дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените во светот и во нашата држава и дека после педесет години работа со скрининг програма во сите развиени земји во светот, докажано е дека се намалува смртноста од рак на дојка, со повеќе од 40 проценти.
– Ако жената нема никакви симптоми и ние во скрининг програмата ги најдеме најраните знаци дека нешто тука се случува и веднаш направиме ехо и биопсија, нејзиниот живот ќе биде продолжен. Исто така таа жена нема да треба да биде подложена на тешки хемотерапии и зрачна терапија, истакна Темелковска, долги години вработена како специјалист радиолог во Институтот за радиологија Скопје.
На прашање од МИА околу поплаките дека се губи драгоцено време поради недоволна информираност околу скрининг програмата и проблемите околу обезбедување термини, докторката одговори дека за жал, скрининг програмата во државата во одредени периоди од минатото, немала свој континуитет, од различни причини, меѓу другото и поради ковид пандемија.
– За наша среќа, на радиолозите, од пред две години, одговорна за малигните програми, е доктор Елена Ристоска. Таа е и советник на министерот за здравство, упатена во оваа проблематика и има слух за нашите барања и предлози за унапредување на скрининг програмата во македонското здравство. Далеку сме од идеално, но после долго време, имаме една основа за добра скрининг програма, подвлече таа.
Настанот беше дел од националната кампања на Министерството за здравство, под мотото „Октомвриски розов караван – Превенцијата е најдобра заштита“.
– Кампањата се спроведува со поддршка од СЗО, УНФПА, град Скопје, Здружение за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања „Фемина М“, како и Национална опера и балет, Факултет за музичка уметност и општествено одговорните компании „Скопје Сити Мол“ и Синеплекс, информираа претходно ид Министерството.
Оттаму нагласија дека главната активност на кампањата е одржувањето јавни трибини водени од панелисти, стручни лица доктори во јавните здравствени установи низ целата земја, со цел подигнување на свесноста за значењето на превенцијата и раната дијагностика на ракот на дојка.
– Во рамки на кампањата, ќе се организираат и едукативни сесии, проследени со едукативен промотивен материјал и консултации со стручни лица, како и on–site пријавувања на веб страната https://skrining.zdravstvo.gov.mk/home, со што на жените ќе им се обезбедат информации и поддршка за редовни превентивни прегледи, додадоа од Министерството.
Притоа соопштија дека трибините ги водат доктори – специјалисти во оваа област, кои се членови на националната комисија за скрининг на рак на дојка.