Телото на Берлускони ќе биде кремирано, а пепелта положена во семејниот мавзолеј
Милано – Телото на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони ќе биде кремирано, а неговата пепел ќе биде положена во семејниот мавзолеј лоциран во вилата во италијанскиот град Аркоре, пренесуваат британските медиуми, повикувајќи се на извор близок до семејството.

По државниот погреб, ковчегот со телото на Берлускони ќе биде вратен во вилата Сан Мартино, во близина на Милано, а телото ќе биде кремирано во крематориумот „Валенсијано Панта Реј“, наведуваат британските медиуми.
Берлускони првично го изградил мавзолејот за себе, за членовите на неговото семејство и пријателите, но дури подоцна дознал дека законот дозволува телата да се погребуваат само на јавни гробишта. Сепак, пепелта може да се стави во мавзолеј.
Берлускони почина пред два дена во болница во Милано, на 87-годишна возраст.

Поради смртта на Берлускони денеска е ден на национална жалост во цела Италија, а Парламентот ја прекина работата цела недела.
На опелото присуствуваа италијанскиот претседател и премиерката Серџо Матарела и Џорџа Мелони. Меѓу присутните во храмот беа и претседателите на двата парламентарни дома, како и поранешните премиери Марио Драги и Матео Ренци и други политичари.
На погребот присуствуваа и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, како и премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателот на Ирак, Абдул Латиф Рашид.
