Телескопите Хабл и Гаја го открија првото големо спојување во историјата на нашата галаксија
Млечниот Пат проголтал џуџеста галаксија пред околу 11,8 милијарди години, според ново истражување објавено во списанието „Nature Astronomy“.
Научниците проучувале ѕвездени јата во област што се протега на 20.000 светлосни години од Млечниот Пат, користејќи податоци од вселенските телескопи Хабл и Гаја, објави Ројтерс.
Истражувачите ја анализирале возраста, хемискиот состав и движењето на ѕвездите за да го утврдат нивното потекло.
Тие процениле дека џуџестата галаксија во времето на спојувањето имала маса од ѕвезди еднаква на масата од околу 500 милиони Сонца, или приближно една четвртина од масата на Млечниот Пат во тоа време.
„Клучниот наод на нашето истражување е недвосмисленото откривање на првото спојување што го доживеала нашата галаксија“, рече астрофизичарот Давиде Масари од Националниот институт за астрофизика во Болоња, кој е и главен автор на студијата.
Според него, спојувањето донело голем број ѕвезди, меѓуѕвезден гас и темна материја во Млечниот Пат.
Иако ѕвездите не се судриле, судирот на гасот од двете галаксии веројатно предизвикал формирање на голем број нови ѕвезди.
Млечниот Пат подоцна поминал низ уште најмалку две големи спојувања.
Масари проценил дека проучувањето на овие настани може да им помогне на научниците подобро да го разберат потеклото на Млечниот Пат, како и формирањето на Сончевиот систем и Земјата.