Столтенберг во телефонски разговор му ја честитал победата на Заев

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во телефонски разговор му упати честитки на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев за победата на предвремените парламентарни избори и изрази задоволство што во Македонија е реизбрано политичкото раководство кое со своите храбри и исправни политики ја внесе земјата во НАТО, како 30-та земја членка, соопшти Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Како што се наведува во соопштението, соговорниците се согласиле дека со ова е потврдена определбата на земјава, како членка на НАТО, да го продолжи реформскиот пат кој значи напредок, развој и стабилност.

„Особено е важно, нагласи Столтенберг, што тоа се случи по решавањето на големи проблеми на меѓународен план и по спроведувањето на значајни реформи дома, што го потврдува демократскиот капацитет на македонскиот народ“, се додава во соопштението.

Заев од своја страна изразил благодарност за честитките и нагласил дека на овие избори се покажало оти граѓаните ја поддржаа посветеноста и исправниот реформски курс на Владата предводена од СДСМ.

Тој нагласил и дека Македонија цврсто останува посветена на демократските реформи и евроатланската ориентација.

„Двајцата соговорници се согласија дека имавме достоинствени, фер и демократски избори, како што доликува на земја членка на НАТО и на земја што почнува преговори за полноправно членство во Европската унија“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Заев во разговорот истакнал и дека новата влада, предводена од СДСМ, со уште поголемо темпо ќе продолжи посветено да работи, особено на полето на економски напредок, на реформи во правосудниот систем, како и на политики кои ќе донесат развој и подобар живот за сите граѓани.

„Генералниот секретар на НАТО Столтенберг порача  дека и во идниот период ќе продолжи соработката меѓу алијансата и Северна Македонија како членка на НАТО, но и соработката и поддршката во однос на надминување на сите предизвици со кои се соочуваме“, информира СДСМ.

Столтенбнерг се интересирал и за состојбата со ситуацијата со Ковид-19 и нагласил дека „НАТО е тука за да помогне, секогаш кога тоа ќе биде потребно“.