Борисов до Заев: Бугарија ја поддржува европската иднина на Македонија


Македонскиот и бугарскиот премиер денеска телефонски разговараа за повеќе теми од соработката меѓу двете земји, како и за организирањето на посетата на Зоран Заев на Бугарија. Според соопштението од Владата, фокусот на разговорот меѓу Заев и Бојко Борисов бил Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање кое е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ, како и подготовките за претстојниот главен самит кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија.
Заев и Борисов разгаварале и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни. Премиерот Борисов истакнал дека „Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, при што заедно со премиерот Заев изразија увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, се вели во соопштението.
Двајцата премиери разговарале и за заедничката соработка во заштитата од епидемијата од корона вирусот, особено имајќи ги предвид искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните.
Заев и Борисов се согласиле двете држави и граѓаните целосно да ги искористат можностите кои постојат за унапредување на економската соработка.