Телефонски разговор на Пендаровски со папата Франциско


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, во кој изрази жалење што поради пандемијата на Ковид-19 не се реализирала неговата посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не беше остварена средбата со неговата светост.

Во телефонскиот разговор беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот стол, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции, соопшти кабинетот на претседателот.

Истакнувајќи ја историската важност на минатогодишната посета на папата, претседателот Пендаровски посочи на интересот на нашата држава за продлабочување на врските со Ватикан во сите сфери од заемен интерес. Покрај останатото, двајцата соговорници разменија информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата. Претседателот Пендаровски оддаде признание за улогата на папата Франциско во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа, се вели во соопштението.