Тектонска промена во Црна Гора: Милатовиќ го победи Ѓукановиќ

Според 60 отсто од преброените гласови економскиот реформатор Јаков Милатовиќ добил 60 отсто, а досегашниот претседател Мило Ѓукановиќ само 40 отсто од гласовите


Јаков Милатовиќ во последен момент стана претседателски кандидат на неговото движење (Фото: Ројтерс)

 

Црна Гора е на прагот на најголемата промена во 30-те години по распадот на Југославија и нејзината подоцнежна независност. Јаков Милатовиќ, кандидатот за претседател на Движењето Европа сега убедливо води во вториот круг од претседателските избори, покажуваат првичните резултати.

Според прелиминарните резултати на Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ), врз основа на 62,7 отсто од преброените гласови, Милатовиќ освоил 60,1 отсто од гласовите, а кандидатот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) и актуелен претседател, Мило Ѓукановиќ, 39,9 отсто. Со тоа практично завршува политичкото учество на Мило Ѓукановиќ во врвоите на црногорската власт, што како претседател, што како премиер.

Според податоците на ЦЕМИ, излезноста била 71 отсто.

Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) објави, според 54,1 отсто преброени гласови, дека Милатовиќ освоил 55,7 отсто од гласовите, а Ѓукановиќ 44,3.

Излезноста на изборите е 71 отсто.

Во првиот круг на изборите пред две недели Мило Ѓукановиќ беше прв со освоени 35,3 отсто од гласовите, а Јаков Милатовиќ доби 28,9 отсто.

Мило Ѓукановиќ

Иако овие резултати не се официјални, тие во голема мерка го покажуваат трендот, како што беше пред две недели кога процентите што прв ги објави ЦЕМИ беа речиси идентични со офијалните што ги објави изборната комисија.

Победата на Милатовиќ, економски реформатор од владата на поранешниот премиер Здравко Кривокапиќ, во беше очекувана, затоа што зад него застанаа сите оние што по првиот круг добија помалку гласови – од Просрпскиот демократски фронт до другите граѓански процрногорски партии. Ако конечните резултати бидат според овие првичните, тоа значи дека Ѓукановиќ, единствениот политичар на овие простори од последните денови на Југославија, успеал само малку да го прошири својот базен на гласови. И дека неговото политичко време во голема мерка завршува. Пред пет години Ѓукановиќ победи уште во првиот круг со освои 52 отсто од гласовите. (Н.В.)