Текстилните работници излегоа на протест: Поголеми плати, пристоен живот и подобри услови за работа


Текстилните работнички од источниот регион денеска за првпат во македонската историја протестираа за поголеми права, но и за покачување на платите, подобрување на условите за работа, неделите и празниците да бидат неработни денови, исплата на прекувремени часови, законски годишен одмор, исплата на полн износ на К-15, а не како досега по 100 денари и стоп за мобингот.

Ова се барањата што ги испорачаа текстилните работници на денешниот протест во Штип, пред капијата на поранешниот моден гигант Астибо што наиде на поддршка и од граѓани кои не се (ин)директно засегнати од проблемите во односната сфера.

Шивачките кои се над 50 години сметаат дека условите не се лоши за работа, но се против враќање на нормата, кратење на празниците и зголемување на работното време. Тие побараа повисоки плати, за пристоен живот, бидејќи во моментов како што велат заработуваат за леб и да си ги платат сметки.

Повикот за протест првично беше најавен како шега, но работничките на социјалните мрежи побараа да се одржи, за да работодавците и институциите им ги слушнат проблемите. Од невладината Гласен Текстилец велат дека чашата се прелеала по последните барања на сопствениците.

Работниците ги оценија како апсурдни барањата на газдите и ги поткрепија со иронични пораки како „За нови џипови“, „За повеќе непријавени работници“ и „За работа на секој празник“.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ смета дека на 70 насто од работнциите не им се плаќа прекувремената работа и им честиташе на насобраните работници што се охрабриле и дошле во голем број на протестот.

„Ако сака да се увери во експлоатацијата и во профитот што го остваруваат сопствениците, Владата нека отвори државна фабрика, па да види како изгледа тоа. Одлучни сме против обидите експлоатацијата која сега се врши во текстилната индустрија да се озакони. Енергично сме против зголемувањето на работното време и бараме државата да ги спречи неплатената прекувремена работа и работата за викендите и празниците, да има законски годишен одмор и исплата на полн К-15, а не како досега, да се исплатува регрес за годишен одмор од по 100 денари“, рекоа повеќе работници, главно жени, кои јавно говореа пред насобраните колеги.

Текстилците добија поддршка и од Хелсиншки комитет, кои биле поканети на протестот што сами го организирале работниците.

„Веќе неколку години постојано добиваме поплаки од работници во текстилната, кожарската и чевларската индустрија и нивните пријави ги проследуваме до институциите во системот, кој повеќе треба да се заложи за работнциите и да ги штити нивната права“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.