Текстилна фабрика во Ресен ново жариште  на Ковид-19


Во фабриката за текстил „Хатекс“ има 15 позитивни случаи на корона

Текстилна фабрика во Ресен е новото жариште на Ковид-19 , каде во последниот период се регистрирани 15 позитивни случаи. Според Центарот за јавно здравје Битола по анализа на епидемиолозите, за „Хатекс“ се дадени препораки фабриката да се затвори за период од две недели.

„Во фабриката има вкупно 15 позитивни случаи, дел од нив се на домашно лекување, дел се хоспитализирани. Во исто време потврдувам дека во градот Ресен во изолација се 100 лица кои што имале контакти со потврдено заразено лице со корона вирусот“, вели директорката на ЦЈЗ во Битола, Елизабета Крстева.

Во Ресен од 1 октомври заклучно со вчера од вирусот се заболени нови 38 лица. Од почетокот на кризата до денес во Ресен се разболеа 202 лица, а болеста е активна кај 38 лица. Во последниот месец Ресен брои една жртва на вирусот, вчера почина 59-годишен ресенчанец, кој што работел како таксист. Вирусот во Ресен во последниот период право нови кластери, меѓу новозаболените има и вработени на бензинска пумпа.

Поради зголемениот број лица заразени од вирусот градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски повика итен состанок на општинскиот кризен штаб. На состанокот беше разгледана новонастанатата ситуација и беше препорачано фабриката за текстил „Хатекс“ дополнително да не работи 10 дена.

„Се задолжуваат фирми и компании на територијата на општина Ресен со поголем број  вработени да назначат ковид-лице за контрола и интервјуирање на вработените за можен контакт со лица заболени од Ковид 19. Се задолжуваат сите компании кои имаат организиран автобуски превоз за своите вработени, капацитетот на автобусите да биде редуциран на 50 проценти“, стои во одлуката на Кризниот штаб.

ЈКП „Пролетер“ повторно ќе започне со дезинфекција на улиците и јавните површини, а во соработка со месните заедници истото ќе се прави и во селата на територија на Општина Ресен. (А.Б.)