Текстилците задоволни – во вистински момент се укинати царините за увоз на репроматеријали
Вистинска помош и поддршка на текстилната индустрија и исправање на неправдата, вака текстилните компании ја оценуваат владината одлука со која од денеска се укинуваат царинските давачки за увоз на репроматеријали во текстилната индустрија. Со владината одлука, во ослободени царински давачки се 71 ставка од текстилната, кожарската, и од други дејности.
Според Ирена Јакимоска, косопственик на текстилната индустрија „Конфи Ангел“ од Прилеп и претседател на прилепската Регионална стопанска комора, бенефитите од владината одлука се повеќекратни и се во вистински момент, особено во овие тешки времиња поради пандемијата. Се зголемува конкурентноста во извозот, има можност за вложување, преструктуирање и задржување и повисок стандард за вработените.
-Оваа одлука е од големо значење за текстилната индустрија во нашата земја. Важи од 1 февруари до 31 декември. Сиот увоз на неопходниот репроматеријал за производството во текстилната индустрија ќе биде ослободен од царинските давачки. Ова е вистинска помош и поддршка на компаниите во вакви необични времиња. Не само што се промовира текстилната индустрија. Оваа мерка ќе овозможи за голем број кои се дел од текстилната индустрија да ги преструктуираат своите компании, да почнат со сопствено производство, да го пласираат и на европските пазари, изјави Јакимоска.
Целокупната заштеда, потенцира, која ќе ја имаат од оваа мерка ќе ја фокусираме на дигитализација, автоматизација, проширување на он-лајн продажбите во Европа, ќе донесе зголемена стабилност, конкурентност и можност за градење на животниот стандард на вработените.
-Заштедата може да биде за дополнителни, капитални инвестиции и поголема стабилност на текстилната индустрија, посочи Јакимоска.
Со оглед на тоа дека 90 отсто од текстилците во земјава работат по лон-систем, смета Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, оваа одлука многу влијае за подобра конкурентност и што е битно, задржување на вработените.
– Не може преку ноќ да го намалиме лон-производството и да почнеме да правиме сопствени брендови, затоа одлуката многу значи за фирмите. Затоа можеме, репроматеријалите што доаѓаат во Македонија да им ги префактурираме на странските купувачи и може да заработиме за логистички трошоци и за другите потреби. Значи, нашиот извоз би пораснал, нашите компании би добиле некоја додадена вредност што ќе значи нивен опстанок, зголемување на конкурентната способност и задржување на вработените, посочи Димитров, кој смета дека оваа одлука е од големо значење и за кожарската индустрија.
Во земјава има речиси 150 текстилни фирми со околу 35.000 вработени. Во преработувачката индустрија, текстилната учествува со 40 отсто, а во вкупниот извоз од земјава со 10 проценти. За текстилците е битна и владина помош за платите зашто главниот партнер во лон-системот – Германија, останува затворена со пандемијата.