Тексас, земјата на нафтата, прогласи катастрофа откако еден галон дизел стигна до 5,86 долари
Гувернерот Грег Абот во понеделник прогласи катастрофа низ целата држава поради зголемените цени на дизелот и влошувањето на недостигот од гориво создадено од војните во странство. Цената на еден галон (3,78 литри) стигна просечно до 5,86 долари. Што значи еден литар за 1,55 долари (84 денари). Тоа е запрепастувачки висока цена за дизелот во државата која е огромен производтел на нафта. Во февруари година еден галон се продаваше за 3,3 долари.
30-дневната декларација за катастрофа, која може да се продолжи на неодредено време, му овозможи на Абот да укине некои ограничувања за комерцијалниот транспорт, што, според него, ќе ги ублажи некои од зголемените трошоци. Дизел горивото се користи во земјоделството и комерцијалниот превоз, па затоа зголемените цени на горивото се пренесуваат на потрошувачите во форма на повисоки трошоци за стоки во продавниците за храна.
Декларацијата ја проширува употребата на обоен дизел на патиштата во Тексас, ги суспендира правилата за дизел со ниска емисија во Тексас до границата што ја одобрува федералната влада и ја зголемува дозволената тежина за гориво, земјоделски и дрвен товар. Гувернерот, исто така, побара од Агенцијата за заштита на животната средина на САД да се откаже од федералните барања за дизел со ултра ниска содржина на сулфур за да се зголеми понудата.
Обоениот дизел е хемиски ист како обичниот дизел достапен на бензинските пумпи, но е обоен во црвена боја и се користи во теренска земјоделска и градежна опрема. Бидејќи е ослободен од федерални и државни даноци за моторно гориво, неговата употреба на јавни патишта е забранета, а прекршителите се предмет на казни за избегнување данок, според државниот закон.