Театарот во новата реалност: Што не чека по короната?


Не треба да чекаме да правиме театар „нормално“ или „како што се правел“. Секој обид за враќање кон старата реалност од пред короната ќе претставува враќање кон нешто застарено и свесно отфрлање на можноста за промена, вели театарскиот режисер Милош Б. Андоновски

 

Нè чека „нова реалност“ после короната. Во некоја нејзина поневешта форма неа, всушност, и ја живееме во моментов: испробуваме поинакви канали на комуникација, работиме на изнаоѓање решенија за разни прашања и проблеми. Се соочуваме со нелагодности, но сето тоа е во ред: ги откриваме аномалиите сега, за да можеме да ги корегираме во скоро време, особено оние кои ќе одлучиме да ги задржиме и понатаму, вели театарскиот режисер Милош Б. Андоновски.

Но, што значи новата реалност за театарот? Што од претходните театарски процеси е толку корисно и незаменливо за да остане исто? По короната, театарот ќе ја има можноста да се трансформира. Не треба да чекаме да правиме театар „нормално“ или „како што се правел“. Секој обид за враќање кон старата реалност од пред короната ќе претставува враќање кон нешто застарено и свесно отфрлање на можноста за промена.

Запрашените театарски објекти, оние кои ги имаме и оние кои ги немаме, ќе нè чекаат попразни од кога било ако се водиме според примерот на култури од светот кои гледањето театарски претстави го спроведуваат со драстично редуцирање на бројот на публика. Со неколку седишта празни пред, зад и до секој гледач во гледалиштето нè чека неисплатливоста, а особеноја чека независната продукција и особенопретставите од камерен формат.Поради стравот и несигурноста кои уште долго ќе нè држат од присутноста на вирусот, прашање е колку публиката ќе оди во театар и покрај мерките за редуцирање на бројот на гледачи.Можеби после короната, во новата реалност се влегува со излегување: надвор, на улица, на покрив од зграда, во парк, на игралиште…

Можеби во „новите простори“ се наоѓаат креативноста, жарта и предизвиците за поинакви естетики кои ни требаат, кои ги бараме или сме ги барале. После целиот период на раздвоеност, изолираност и затвореност, во новата реалност ансамблите најпосле ќе станат – ансамбли! Театарџиите се сплотуваат, публиката со нив, а заедништвото произлегува од колективното авторство кое веќе некое време се работи во светските театарски практики, а кај нас, повеќе од кога било, треба да почне да се заговара.

Обидете се да замислите изведба којашто сте ја гледале или работеле, во која актерите носат маски и/или ракавици додека ја изведуваат. Ќе се играат ли љубовните, интимните сцени на ист начин како што се играле или дел од тоа ќе се прережира? Што правиме со физичкото растојание од 2 метри, ќе важи ли и за на сцена? Можеби нè чекаат преработки на готовите претстави и изнаоѓање на нови решенија, нови знаци и симболи, а зошто да не ина нови погледи на прашањето кои теми се вредни да се (ре)актуализираат!?Многу од нив беа теми кои на долго и широко „се развлекуваа“ по социјалните мрежи: семејното насилство, менталното здравје, сајбер-културата, економските мерки, изолацијата и др. Театарот може да ги стави во погон и конечно да направи нешто од нив.

За да преживее, театарската уметност ќе мора да се адаптира во новите околности, а секој процес на адаптација значи и процес на еволуција. Се отвора и можноста за системско (и заедничко!) изнаоѓање на начини за редефинирање на културата, воопшто.Периодов ги исфрли на виделина предностите и мааните на системот.

Онаа фаза на преиспитување, која многумина ја препознавме во периодот на самоизолација, за нас театарџиите ќе продолжи и во новата реалност: дури тогаш нашиот сопствен однос кон она што го работиме и го земаме здраво-за-готово ќе биде ставен на тест.Не можеме да ја исклучиме публиката зашто и таа ќе биде ставена на тест. Поготвена ли е и таа да ги прифати изменетите околности?

Наша обврска е да го отвориме патот и за неа, со тоа што ќе одговориме на овој повик за промена.