Театарот „Сенки и облаци” настапи пред публиката во Москва


Театарот „Сенки и облаци“ ја изведе претставата Алиса и чудата“ пред московската публика на третиот Меѓународен фестивал на сенки, кој се одржа од 12 до 15 ноември. Претставата беше изведена на сцената на Московскиот детски театар на сенки (Московский Детский Театр Теней), единствениот руски професионален државен театар за сенки кој постои дури 80 години.

Фестивалот беше отворен со спектаклот „Никогаш ненапишана приказна“ посветен на 200-годишнината од раѓањето на Фјодор Михајлович Достоевски.

– Театарот од Македонија ја претставува магичната земја на чудата, измислена од Луис Керол, како простор на сенки во кој актерите и куклите дејствуваат подеднакво. Просторот е длабок и подвижен, па дури и одеднаш, и покрај сите алогизми, станува разбирлив, тогаш со текот на времето сè не е толку едноставно – туку се забрзува, па замрзнува, напиша рускиот театарски критичар Алексеј Гончаренко.

Од Театарот „Сенки и облаци“ велат дека обете изведби на „Алиса и чудата“ поминале одлично, со полна сала публика, меѓу кои имало деца и возрасни.

Гостувањето на претставата „Алиса и чудата“ во руската престолнина е поддржано од Министерството за Култура на РСМ.

Традиционално во ноември се одржуваше и „Сонот на облачето“ интернационален детски фестивал на театар на сенки, чие јубилејно 10-то издание организаторот Театарот „Сенки и облаци“ го најавува за пролетта 2022 година. Ова е најстариот театарски фестивал за деца во нашата држава и единствен од ваков тип во југоисточна Европа.