Театарот се врати дома, а дали е Прилеп град театар ?
МТФ „Војдан Чернодрински“ пулсираше со сериозен фестивалски концепт со исклучителни драмски автори, режисери и актери кои „нè одведоа на патување низ времето и просторот“ и секој ден со полна сала публика
Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност, осум дена, од 9 до 16 јуни, на сонце и на дожд, на затворено, и на отворено, дење и ноќе, за деца и за возрасни, во патики и на штикли, ја славеше театарската уметност со претстави, разговори на тркалезна маса, промоции на книги (на монографијата „Чашуле – Приказнувачот“ на театрологот Ана Стојаноска, како автор во фокусот), меѓународна конференција, и со изложба на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.
Театарот му се врати на градот Прилеп во 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, пред и во Центарот за култура „Марко Цепенков“, а дали Прилеп го гушна силно или онака, европски, дистанцирано, му пружи рака?
Годинава со театрологот Ана Стојаноска како уметнички директор, со професионален и љубезен тим околу себе од Скопје и од градот домаќин, со меѓународно жири на кои сите театарџии им симнуваа капа, и со театрологот, проф. д-р Јелена Лужина како сива еминенција со своите извонредни контакти, идеи, иницијативи и приказни од театарската сцена, фестивалот пулсираше со сериозен фестивалски концепт со исклучителни драмски автори, режисери и актери кои „нè одведоа на патување низ времето и просторот“ и секој ден со полна сала публика. Тоа е важно, полна сала, а театарот постои заради публиката, како што кажа во Прилеп, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“ , и член на меѓународното жири.
„Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов“, што би рекла уметничката директорка Стојаноска, родум од Прилеп, секогаш насмеана и љубезна, која со својот тим на оваа многу значајна театарска манифестација воведе неколку новитети. А заедно со нив, гостите ги откриваа и врвните кулинарски катчиња низ Прилеп, традиционални, модерни и безглутенски и уникатниот Музеј на тутун.
„Овде на Чернодрински, преку вашето творештво вие го развивате уметничкиот талент на нашата мајковина и татковина. Отворате социјален дијалог и ја кревате свеста за важни прашања од нашето заеднички битисување, истакна во поздравниот говор на отворањето, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Таа спомена дека заради македонското творештво, Министерството за култура, во соработка со Фестивалот „Војдан Чернодрински“, со цел збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори, отвори посебен конкурс за избор на три необјавени и непоставени македонски драмски текстови.
„Нашиот Чернодрински, пред повеќе од еден век, ја застапувал тезата дека театарот треба да биде оружје. Има ли посилно оружје од театарот? Од уметноста. Од културата. Фестивалот Чернодрински е едно од најсилните оружја со кое успешно ја чуваме и развиваме македонската уметност“, додаде таа. Костадиновска-Стојчевска заради обврски не дојде на отварањето, но беше на затворањето на фестивалот, и особено горда, што како Битолчанка, Битолскиот народен театар со претставата „My Name is Medeja“ во режија на Словенецот, Себастијан Хорват, ја доби наградата за најдобро остварување на фестивалот.
Таа во своето обраќање го истакна и значењето на националната драматургија и националниот театар кои како што вели, играат клучна улога во чувањето и промовирањето на македонскиот јазик, на македонското творештво и на културното наследство.
Фестивалот со гордост го носи името на основоположникот на македонската драма, познатиот драмски автор, актер и режисер Чернодрински, и е вистински симбол на традицијата во развојот на македонската култура и белег на препознатливост за нашите творци. А, замислете, меѓу доделените 15 награди, нема награда за текст.
„Имате извонредни актери, треба да бидете репортоарски похрабри, режисерски поинвентивни, за да биде еден театар успешен. На добар текст, со добар режисер и добри глумци, на тоа тројство почива театарот. Вие во Македонија имате потенцијал , и со класичниот и со современиот театар, ама нема домашен театар без домашен автор, потенцираше жирито кога ги соопштуваше наградите.
И по толку години традиција на фестивалот и на градот, Домот на културата „Марко Цепенков“ го нема задоволителното, техничко ниво на сцената, а пак Прилеп не може да се пофали ниту со сместувачкиот капацитет, ниту да се откаже од интригите „зад кулисите“ за да можат и домашните и странските гости да „бидат свои на своето“.
До следното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“!