Театарот е моја прва љубов, но филмот е посебна магија: Разговор со Александар Микиќ, актер


Фото: Б. Грданоски

Лејла Сабит

Театарот е моја прва љубов, но филмот е посебна магија и кога еднаш ќе те опчини не те пушта никогаш, вели во разговорот за „Независен“ актерот Александар Микиќ (55), кој се подготвува за улогата на Карамба во новиот филм на режисерот и сценарист Милчо Манчевски „Кајмак“ кој почнува со снимање на 6 јули во Скопје и во околината.

Микиќ, препознатлив по бројните улоги во хит-претставите, ТВ-сериите и филмовите, неколку пати прогласуван за актер со најмногу одиграни претстави, за време на пандемијата му се посветил на семејството, но со олабавувањето на мерките, веднаш се фатил за работа.

Како е да се соработува со Манчевски и каде ја гледа иднината на фелата во новите околности, во продолжение на разговорот. 

Фото: Б. Грданоски

Глумите во новиот фим на Милчо Манчевски „Кајмак“ кој започнува со снимање на 6 јули. Што ви е поголем предизвик-што почнувате со работа кога се стишува пандемијата или што ќе работите пак со Манчевски?

Додека траеше пандемијата подработував по малку и на сцена и на филм така да секако поголем предизвик е работата со Манчевски. Во „Кајмак“,  филмот на Милчо Манчевски, ја играм улогата Карамба, еден од двата главни машки ликови. Тоа е добро напишна и комплексна улога и искрено се надевам дека достојно ќе одговорам на предизвикот кој е пред мене.

Како е да се соработува со Милчо, по првото искуство во „Пред дождот“ . Ќе биде ли различно или исто? Каков е неговиот пристап кон актерите?

Секако дека е поразлично искуство. „Пред дождот“ ми беше еден од првите филмови ако не и прв во кои сум играл и таму директно од кастинг седнав во автобусот до легендата на југословенското глумиште Раде Шербеџија, бев изваден од памет. Сега имаме добра припрема и со Милчо остваривме многу добра соработка, некако се погодивме на иста бранова должина. Пред да почнеме со снимање имаме многу проби и доста детално ги „прочешлавме“ сите сцени и состојби на ликот така да едвај чекам да почнеме со снимање. Од нас, актерите бара бидеме инвентивни и кога нешто добро ќе понудиме го прифаќа и надоградува.   

Во текот на кариерата долга 29 години (веднаш по дипломирањето на ФДУ во Скопје, во класа на Димитрие Османли) глумевте во хит претстави и филмови. Вие ги избиравте или тие вас?

Некако така се склопуваа коцките. Имав среќа да играм во многу хит претстави и филмови и секако дека режисерите се тие кои избираат, освен во некои приватни продукции каде можев да избирам текстови и да ги адаптирам.

Каде се гледате повеќе-на сцена или на филм? И дали актерот во принцип тешко може да избира, како да го прашувате кое дете сака повеќе?

Театарот е моја прва љубов, уште од средношколските денови кога имавме аматерска театарска група и игравме претстави. И за време на факултет и подоцна, актерот, повеќе контакт има со театарот, па нормално е целиот процес на правење претстава да му е некако поблизок. Но филмот е посебна магија и кога еднаш ќе те опчини не те пушта никогаш.

Фото: Б. Грданоски

Пред пандемијата, бевте прогласуван за актер со најмногу одиграни претстави. Како коронавирусот  влијаеше на вас ? Каде ја трошевте креативноста и енергијата?

Јас сум воркохолик, и многу тешко ми паѓа кога сите работат а јас не, но со почетокот на пандемијата сите престанаа со работа па не ми падна криво што сум без работа. Имав повеќе време да се посветам на семејството и на дворот кој од премногу обврски некако се запусти во последниве години. Исто така кога се олабавија мерките минатото лето снимевме краток филм за коронавирусот „Соло мод“ во режија на Тамара Котевска. Нај интересното е тоа што целото мое семејство игра во филмот -сопругата Весна, близнаците Иво и Ена и јас. Снимав и мала епизода во новиот филм на Даријан Пејовски како и во „Преспав“ и „Дајте музика“. Од септември до сега во МНТ изиграв околу петнаесетина претстави така да одржував форма . Минатата година излезе, односно имаше успешна кикстартер кампања играта „Monsters on board“, која ја дизајниравме заедно со Иво Нешковиќ и Самоил Петрески а во продукција на Final Frontier Games. Исто така деновиве треба да излезе и втората игра „Медена Земја“ што ја дизајниравме со Борис Момиќ. Самоил Петрески и Владимир Трајчевски, работена по мотивите на филмот и комплетно е македонски производ. Така да корона периодот ми беше доста креативно активен.

На кои лекции не (не) научи пандемијата ?

Не научи да ги цениме малите работи, работите кои дотогаш ги земавме здраво за готово, оние работи кои се дел од секојдневното живеење. Дружбите одеднаш станаа забранети, не можевме слободно да дишеме, макар и загаден воздух , многу луѓе останаа без работа се се смени. Искрено очекував дека ќе не научи на поголема дисциплина.

Како да се зачува здравиот разум во свет кој никогаш повеќе нема да биде ист?

Се надевам дека наскоро се ќе се врати во нормала и ќе живееме како порано. Но за тоа да се случи треба заедно да го победиме вирусот со побрза и помасовна имунизација.

Културата е една од дејностите кои беа најпогодени од пандемијата заради ковид мерките, отсуството или ограничен број на публика. Каде ја гледате иднината на фелата во новите околности?

Со ограничен број на публика, со камерни претстави и разреден репертоар сепак функциониравме. А тоа дека народот сака да доаѓа во театар, дури и во вонредни околности, зборува фактот дека претставите се распродава буквално за десет минути. Искрено се надевам дека наскоро, ова лудило ќе заврши и без рестрикции ќе се фрлиме на работа зашто и ние на сцената, а и публиката сме желни едни за други.

Дали продолжувате во матичниот театар-МНТ?

Секако…. а кај да одам?

Имате ли план Б во животот?

Плaнот А ми е план Б.

Фото: Б. Грданоски

Што е со вашето хоби –резбање дрвени маски? Дали уште ве инспирира?

Би сакал да имам повеќе време за да можам како порано да правам маски, но за среќа откако се родија Иво и Ена, време за себе имам се помалку. Освен тоа моето друго хоби – дизајнирање друштвени игри се повеќе ме окупира, така да маските ќе почекаат малку .

Колку направија вашите близнаци Иво и Ена? На кои животни лекции ги учите со вашата сопруга Весна, харфистка и позната по улогата во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски?

Иво и Ена наполнија 6 години и од септември здравје, првачиња. Весна е многу посветена мајка и заедно решивме овој период на детство да им биде безгрижен, да си играат колку сакаат и преку игра да научат некои работи. Не сме амбициозни родители па да ги тераме да читаат пишуваат, собираат, вадат, множат… за тоа си постои школо. Се трудиме да ги научиме на вистински вредности, да бидат чесни, вредни, да разликуваат добро од лошо и сл.