Те „читам“ на твојот јазик, но на мојот те „разбирам“: Интервју со Анастасија Ѓурчинова, добитник на наградата „Драги“ за превод

Одговорноста на преведувачите е голема, оти уште Жозе Сарамаго во една пригода умно забележал: писателите со своите дела ја создаваат историјата на националната литература, но книжевните преведувачи делуваат директно во насока на светската книжевност, вели Ѓурчинова во интервју за „Независен“


Фото: Б. Грданоски

-Суштината на преведувачките студии отсекогаш се водела околу тоа дали е подобро и поважно преводот да биде точен, верен на оригиналот, или да биде читлив, т.е. да звучи како да е напишан на „дојдовниот“ јазик.  Сметам дека идеално е да се постигне да се биде некаде на средината, т.е. преведеното дело да биде читливо и природно вклопено во системот на преводниот јазик, а сепак да ја зачува дозата на „очудување“, неопходна за читателот да не заборави дека чита книга од странски автор, создадена на некој друг јазик во контекстот на некоја друга култура, вели Анастасија Ѓурчинова (1963),  eсеистка и преведувачка, годинашен добитник  на наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик .

За својата преведувачка дејност двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија, како и Националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство, доделена од Министерството за култура на Република Италија во 2015 година.

Зошто книжевниот превод  е често пати занемаруван, а не ретко и потценуван во јавноста, што е најважно во еден превод,  и кои се непремостливите разлики помеѓу луѓето кои читаат книги и оние кои не читаат, во продолжение на ексклузивното интервју за „Независен“. 

Фото: Б. Грданоски

Во силна конкуренција ја добивте наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски, за превод од италијански јазик на делото „Интимен живот“ од авторот Николо Аманити ( „Антолог“). Се надевавте или…?

Уште од самите почетоци на нејзиното формирање ја следам и ја поздравувам наградата „Драги“, сметам дека таа пополнува една голема празина во нашата култура, а тоа е вреднување на трудот на книжевниот преведувач. Уште па кога го носи името на Драги Михајловски, еден од најплодните, најкреативните и најобразованите преведувачи на овие простори, се разбира дека возбудата и задоволството се уште поголеми. Јас годинава по вторпат се најдов со мој превод меѓу петте финалисти и бескрајно сум им благодарна на издавачите што ме предложиле, како и на двете жири комисии што ме вклучиле во тој избор. Таа вест, секако, ме изненади и со пријателите умеев да се пошегувам дека, како сме тргнале, веројатно ќе стасаме и до „третата среќа“. Но видете, се работи за нијанси, кога ќе сфатите дека од четириесет и три пријавени сте се нашле меѓу петте највисоко оценети, вие веќе сте ја добиле сатисфакцијата за вашата работа. Многу ги почитувам сите преведувачи кои беа со мене во оваа конкуренција, со најголем дел од нив и лично се познаваме, се читаме и учиме едни од други. На крајот, нијанси одлучуваат. Но од друга страна, иако наградите секако не ни се во умот кога седнуваме да работиме, тие не се неважни, како што веќе објаснив, токму во поглед на валоризација на нашата професија. Затоа, без лажна скромност, ќе речам дека наградата едноставно пријатно ме изненади, ја прифатив со голема доза на радост и благодарност.

Имам чувство дека книжевниот превод во јавноста, освен на книжевната сцена, како да не е на пиедестал што го заслужува како кога ќе напишете авторско дело. Целта на наградата всушност е да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела во македонската култура.

Ама каков пиедестал! Книжевниот превод не само што не е на пиедестал, туку е често пати забораван, занемаруван, а не ретко и потценуван во јавноста. Хонорарите се многу често под секое ниво, што не е вредно ни да се споменуваат; чест на ретките исклучоци, но тие никогаш нема да можат соодветно да го вреднуваат овој долготраен и макотрпен труд што се крие зад секој книжевен превод. За поздравување е праксата што и кај нас од неодамна, иако со ситни букви, сепак некои издавачи почнаа да го наведуваат името на преведувачот на корицата, веднаш под авторот и насловот на книгата. Тоа многу ме радува и е апсолутно во согласност со некои меѓународно прифатени конвенции во оваа дејност. Впрочем, тоа е во согласност и со познатата теза дека секое преведено дело има двајца автори: првиот, што го напишал делото на оригиналниот јазик и вториот, што го пресоздал тоа дело на јазикот на кој е преведено.

Од друга страна, постои и едно широко распространето предубедување околу македонските преводи; колку пати сме ја слушнале реченицата: аман, не можам да читам преводи на македонски јазик, не ми одат, не се убави, преферирам да читам во оригиналот или во превод на некои блиски јазици од регионов. Ете, тоа е предрасудата што нашата преведувачка „фела“ треба да ја сруши. И сметам дека сме на вистинскиот пат тоа да се случи токму преку вреднување на преведувачката работа и преку стимулирање на младите кадри, дипломирани на филолошките факултети во земјата, како што тоа го прави наградата „Вавилон“, на пример. За сите нас што сме се нафатиле да се занимаваме со оваа дејност, предизвикот е огромен: да се навлезе во стилот, во духот и во идејата на странскиот автор, да се патува и да се заталка низ меандрите на јазикот што го запознаваме и што го проучуваме, а потоа сето тоа да се преиспита и да се преточи во нашиот јазик, според структурата, морфологијата, лексиката и синтаксата на македонскиот. Те „читам“ на твојот јазик, но на мојот те „разбирам“, велеше еден од култните автори на постколонијалната книжевност, Едуар Глисан.

Жири комисијата го оцени вашиот превод како „превод што нуди искуство како да се чита оригиналот“. Што е најважно за еден превод?

Драго ми е за оваа констатација, тоа значи дека преводот на „Интимен живот“ е читлив и дека успева „мазно“ и без тешкотии да вплови во водите на македонскиот јазик. Се работи за современ роман, со современа тематика и од тој аспект ова беше важно да се постигне. Но работите околу преводот не се така  едноставни како што изгледаат. Суштината на преведувачките студии отсекогаш се водела околу тоа дали е подобро и поважно преводот да биде точен, верен на оригиналот, или да биде читлив, т.е. да звучи како да е напишан на „дојдовниот“ јазик.  Сметам дека идеално е да се постигне да се биде некаде на средината, т.е. преведеното дело да биде читливо и природно вклопено во системот на преводниот јазик, а сепак да ја зачува дозата на „очудување“, неопходна за читателот да не заборави дека чита книга од странски автор, создадена на некој друг јазик во контекстот на некоја друга култура. Одговорноста на преведувачите е голема, оти уште Жозе Сарамаго во една пригода умно забележал: писателите со своите дела ја создаваат историјата на националната литература, но книжевните преведувачи делуваат директно во насока на светската книжевност.

Како ги избирате делата за превод? Вие или издавачот?

Делата најчесто ги избира издавачот. Но за среќа, сум имала можност да соработувам со компетентни и умни издавачи, со кои заедно сме разговарале кои дела од италијански автори заслужуваат да бидат преведени на македонски. Така дошло до тоа да се преведуваат автори како Николо Аманити, Итало Калвино, Клаудио Магрис, Фабио Џеда, Сандро Веронези… Од друга страна, јас сум ја имала среќата преводот секогаш да ми биде дополнителна, а не основна работна дејност, така што материјалниот аспект не бил тој што би ме натерал да прифатам преводи на автори и дела кои не ме интересирале.

Во врска со ова прашање, ќе раскажам една анегдота, која датира од самите почетоци на мојата преведувачка кариера. Бев штотуку диломирана, мислам и тазе магистрирана во областа на компаратистиката и италијанистиката, значи некаде во моите доцни 20-ти години, кога ме повика во неговата канцеларија тогашниот директор на издавачката куќа „Култура“, почитуваниот Димитар Башевски. Тој ми понуди да го преведам на македонски јазик славниот политички трактат „Владетелот“ од Николо Макијавели, предвиден да излезе во тогаш елитната едиција „Идеи“. Бев престрашена од оваа понуда, немав речиси никакво поголемо искуство во преведувањето, освен можеби неколку песни и раскази, а мојата прва преведена книга требаше да биде дело од далечниот 16 век. Но, храбро го прифатив овој предизвик, сметајќи дека не смеам да ја пропуштам шансата, ниту да ја изневерам довербата што ми беше дадена. Многу му благодарам на Башевски затоа што ме научи да си поставувам високи критериуми пред себе, и со гордост можам да кажам дека преводот на „Владетелот“ го издржа тестот на времето, доживеа повеќе изданија, често е распродаден па мора да се препечатува, како што се случи неодамна во соработка со издавачката куќа „Три“. Во времето кога настана преводот се работеше без компјутери, чукавме на машина, а немавме ниту интернет на располагање, па за да ги разјаснам сите непознати термини и поими, прелистував стотици книги и енциклопедии и поминав долги месеци во библиотеките или во разговор со компетентни стручњаци, колеги и професори. Така, за некои стотина страници текст, потрошив речиси цела година и веројатно оттогаш ми остана навиката бавно да работам и студиозно да му се посветувам на секој нов книжевен превод.

Имам уште два вакви примери: набрзо по ова првично искуство, ме повика доајенот на нашето издаваштво, Коста Бојаџиевски, кој ми понуди за издавачката куќа „Сигмапрес“ да составам и да преведам антологија на италијанските раскази од 20 век, што јас го прифатив со голема страст и ентузијазам. А неколку години подоцна и Љупчо Лазаревски, од издавачката куќа „Магор“, ми го довери преведувањето на славниот „Декамерон“ од Џовани Бокачо, дело од 14 век, кое тој сакаше за првпат да се појави во целосен облик на македонски јазик, преведено од оригиналот. Не ми е срам да кажам дека овој последен проект, од речиси илјада страници, го преведував цели пет години. Но ете, овие првични „огнени крштевања“, можам да кажам дека ми помогнаа да го совладам стравот и несигурноста и со уште поголема страст и љубопитство да пристапам кон секој нов превод, дозволувајќи си притоа и самата да предложам некои интересни наслови и автори.

Фото: Б. Грданоски

По што беше специфичен преводот на книгата „Интимен живот“ од Николо Аманити. На кои предизвици или не, наидовте при преведувањето и колку време ви беше потребно за да ја преведете?

Книгата ја преведував околу шест месеци, бидејќи веќе кажав дека релативно бавно работам. До ден денес ми остана навиката многу пати да ги препрочитувам варијантите на преведениот текст, да проверам дали функционира преведеното, било дома со најблиските, било на работа со колегите, или со лекторот и уредниците. Кон делата на Аманити имам посебна наклоност, уште од времето на неговиот веројатно најголем книжевен успех, романот „Не ми е страв“. Преводот на ова дело го договоривме со Ненад Стевовиќ како еден од првите наслови во едицијата „Проаза“ на новоформираната издавачка куќа Или-Или. Оттогаш редовно го следам и го читам Аманити, но не се случи да го преведувам повторно. Жарко Кујунџиски од „Антолог“, уште еден пасиониран љубител на неговото писмо, е виновникот што годинава пак се зафатив со преведување на неговиот најнов роман.

Како што веќе кажав во една пригода, не знам дали е поголем или помал предизвикот кога се преведува веќе познат автор, но природно е да се радуваме кога се наоѓаме пред ново дело од некој автор што веќе го познаваме. Ги бараме познатите изрази, слично изградените ликови, запаметените стилски бравури или синтаксички решенија. Но тоа може да биде и стапица, бидејќи и омилениот автор умее да изненади, како што во голема мера беше случајот со овој роман. Романот „Интимен живот“ е многу поразличен од она на што сме навикнати од претходните дела на Аманити, ги нема познатите тематски ситуации поврзани со светот на децата и со нивниот деликатен и специфичен психолошки профил, го нема злото во екстремни ситуации, како придвижувач на дејството. Но има многу актуелни заплети поврзани со прашањата на љубовта и пријателството, проткаени со светот на политиката, на модата, на новите технологии и на социјалните медиуми. Главната хероина е поранешна манекенка, вонсериски убава и богата, речиси нереална, па во првата половина на романот речиси ја мразите заради нејзината совршеност, за потоа да ги откриете нејзините несовршености, нејзините стравови и страдања, нејзината човечност, ранливост и осаменост, како и вродената остроумност и интелигенција. Сето тоа е проткаено со специфичниот стил на Аманити, со многу сликовитост, со чести наративни пресврти и стилски бравури, како и со богата терминологија од областа на социјалните медиуми како и од актуелните општествени  збиднувања во Италија.

Дали и лично  го познававте Драги Михајловски, во чија чест е наречена наградата?

Секако, среќна сум што ја имав таа привилегија. Со Драги Михајловски не сме биле лични пријатели, ниту ми бил професор, но сме си биле добри колеги на Факултетот. Со него беше задоволство човек да се дружи, колку беше непосреден и едноставен во комуникацијата. Добро го знаев неговото дело, и многу го почитував и како писател и како преведувач, но тој не дозволуваше многу да се зборува за неговите постигнувања. Секогаш го вртеше муабетот или на некои занимливости, или на туѓите доблести и квалитети. Неверојатно драг човек, нашиот Драги. Како што веќе еднаш кажав, засекогаш ќе ги паметам некои негови скапоцени совети и коментари што ми ги има дадено за прашањата околу кои сме дискутирале, секогаш поврзани токму со проблематиката на книжевниот превод.

Дипломиравте на Филолошкиот факултет во Скопје на Групата за Општа и компаративна книжевност. На истиот факултет завршивте и студии по Италијански јазик и книжевност како втор главен предмет. Како се случи токму италијанскиот јазик да биде ваша професионална определба?

Јас отсекогаш ја сакав книжевноста, но многу сакав да учам и странски јазици. За време на студиите по компаратистика, според програмата требаше покрај англискиот да се одбере уште еден нов странски јазик. Бидејќи веќе го имав изучувано францускиот, се одлучив за италијанскиот, сосема случајно, без никаков посебен мотив или причина. Но како што тоа често се случува во животот, случајот ни ја одредува страста и судбината, а мене кариерата. Јас петнаесет години работев како книжевен истражувач во Институтот за македонска литература. Но во еден период посакав да се дистанцирам малку од компаратистиката и продолжив поинтензивно да се занимавам со италијанскиот јазик, кого безмерно го засакав, а никој во мојата поблиска околина, ниту во моето семејство, не го познаваше. Веројатно посакав да си освојам некој само мој простор, за кој самата ќе си бидам одговорна, и ја имав среќата потоа да станам професор токму по италијанска книжевност. Но морам да кажам дека двете дисциплини со текот на времето меѓусебно си помагаа: кога сметав дека компаратистиката е премногу широка дисциплина и дека е пореално да стекнам компетенции во една поконкретна област, тука беше италијанистиката за да ми го овозможи тоа. И обратно, кога книжевните дела од една национална книжевност, во случајов италијанската, не беа доволни за покомплексно сфаќање на книжевните појави и парадигми, ѝ се навраќав на компаратистиката, која секогаш умееше да ми го понуди неопходниот поширок контекст. Впрочем, и преведувачките студии, кои се една од моите истражувачки пасии, денес се нераскинлив дел токму од компаративната книжевност и од културологијата во целина.

Сега сте и шеф на Катедрата по италијански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Дали е тежок за изучување и дали има интерес кај студентите за негово узучување?

Да, моментално сум по вторпат раководител на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Иако е оваа катедра една од најмладите на Факултетот, формирана е во 2010 година, традицијата на изучување на италијанскиот јазик на УКИМ има многу подолга историја, така што деновиве прославивме цели 65 години од постоењето на италијанските студии. Имено, во 1959 година за првпат е воведен италијанскиот јазик и оттогаш неговото изучување бележи постојан раст и мошне интензивен развој. Италијанскиот е еден од најомилените јазици на нашиот Факултет и со гордост можеме да се пофалиме дека денес имаме повеќе од 800 дипломирани студенти по италијански јазик и книжевност произлезени од нашата Катедра. Не знам дали е тежок или лесен за изучување, веројатно како и секој странски јазик си има свои тешкотии, сложени граматички конструкции што треба да се совладаат, комплексни книжевни дела преку кои студентите ги запознаваат јазикот и културата. Но италијанската лексика често пати знае да ни звучи познато, а и фонетиката не е проблем за изговор кај македонските говорители. Ние како наставници особено се гордееме кога слушаме како нашите студенти правилно и речиси без никаков акцент го зборуваат овој јазик веќе во третата или во четвртата година од своите студии. Доказ за тоа е и фактот дека многу од нив без проблем потоа продолжуваат да студираат постдипломски или докторски студии и на италијанските универзитети.

Дали имате омилен италијански автор, домашен и светски?

Ќе споменам двајца омилени италијански автори: Итало Калвино и Клаудио Магрис. Калвино ме освои со длабоко интелектуалниот и ерудитски печат на неговото писмо, како и со неговата безгранична имагинација, која во комбинација со кристално прецизниот стил му овозможи да напише некои од најубавите дела на современата литература. Би ги навела барем збирката раскази „Невидливите градови“ или кусиот роман „Баронот на дрво“, како најексплицитни во оваа смисла. Магрис, со делата „Дунав“, „Микрокосмоси“ и „Друго море“ ми отвори некои нови хоризонти на книжевното писмо, особено поврзани со геопоетиката, можеби и заради поврзаноста со трстјанскиот културен простор на кој му припаѓа. Повторно со помош на совршено избрусен стил и овој писател успеа да раскаже некои за мене извонредно значајни приказни за судбините на луѓето на границата помеѓу Истокот и Западот, да ни ги протолкува Другиот и другоста во сложениот културно-политички простор помеѓу Медитеранот и Централна Европа.

Фото: Б. Грданоски

Растевте опкружени со книги во духот на врвна книжевност. Вашиот татко беше почитуваниот професор Милан Ѓурчинов, еден од основоположниците на Групата за Општа и компаративна книжевност, и омилен меѓу студентите. Дали тој ве зарази со книжевноста, или мислевте дека, меѓу другото, тоа е добар начин да се продолжи неговото книжевно наследство?

Растев опкружена со многу книги, тоа е точно, пред сè со класиците и модернистите од руската и француската книжевност, што беа јазиците и литературите со кои се занимаваа моите родители. Неизбежно прочитав доста од тоа и отсекогаш знаев дека мојата професија ќе биде на некој начин поврзана со уметноста и литературата. Тоа не мора да биде секогаш така со децата, бидејќи мојот постар брат, на пример, кој денес е исто така љубител на убавата литература, одбра да се занимава со медицина и стана лекар по професија. Сепак, мене  дури основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност, нешто за што кај нас дома многу се зборуваше, ме натера дефинитивно да се одлучам за книжевните студии. Претпоставувам дека татко ми беше задоволен со тој мој избор. Но, знаете, во тие години секој млад човек е и бунтовен, не сака слепо да ги следи стапките на родителите, па како што претходно објаснив, веројатно токму мојот избор за усовршување во областа на италијанистиката беше начинот да си го изградам самостојно сопствениот професионален пат. Дури денес можам да кажам дека сум му благодарна на татко ми што ме насочи кон компаратистиката, таа прекрасна, разнобојна, широка и продлабочена научна дисциплина, бидејќи ги гледам околу мене кадрите произлезени од Катедрата за општа и компаративна книжевност кои прераснаа во врвни интелектуалци што делуваат во различни сфери на нашата академска и културна средина и сфаќам колку не било лесно, а колку пак важно, од друга страна, било да се воведе еден ваков студиум на нашиот универзитет.  

Живееме во време кога Интернетот го замени читањето на добра литература. Дали сметате дека навистина постојат огромни, непремостливи разлики помеѓу луѓето кои читаат книги и оние кои не читаат?

Претпоставувам дека и двете го знаеме одговорот. Но најпрвин би рекла дека не сум од оние што сметаат дека интернетот е неспоив со литературата. Мора да признаеме дека тој во голема мера ги промени нашите животи, ги прошири нашите хоризонти и ни овозможи на сите, на научниците, на писателите, а особено нам, на преведувачите, бескраен достап до информациите што порано ги баравме во библиотеките и енциклопедиите. Е сега, факт е дека треба со него да се биде претпазлив и дека овие информации треба постојано да се проверуваат за да се биде сигурен во нивната веродостојност. Тоа постојано им го укажуваме и на помладите колеги, на студентите. Но исто така е факт и тоа дека на младите генерации им станува сè потешко да земат во рака класична книга и да читаат печатени изданија, тоа ним им е неприродно и им звучи наметнато. Па нека читаат електронски изданија, во ПДФ, на киндл, сеедно, обликот ќе биде поинаков, но важно е да се сочува желбата за читањето. Оти навистина постојат огромни, непремостливи разлики меѓу луѓето што читаат книги и оние што не читаат. Ќе го наведам во прилог мудриот совет на Умберто Еко, кого често го цитирам, а кој велеше: „Оние што не читаат, кога ќе наполнат 70 години ќе имаат проживеано само еден живот: својот. Оние што читаат проживеале илјадници други животи: тие биле присутни на битката кај Ватерло, биле таму кога Каин го убил Авел, кога Ренцо се оженил со Лучија, кога Леопарди ѝ се восхитувал на бесконечноста… Бидејќи читањето, покрај сè друго, е и нашиот скромен прилог на патот кон бесмртноста.“