Тавила од СЗО: Почитувајте ги мерките за да го намалиме ширењето на корона вирусот

Здравствените власти засега добро се справуваат со ширењето на корона вирусот во земјата. Неопходно е целосно спроведување на мерките и препораките, зошто од тоа зависи со колкава брзина ќе се шири епидемијата. Тоа, пак е многу важно за да може здравствениот систем да ги прифати сите пациенти кои ќе имаат потреба и да ги лекува, смета Џихан Тавила претставник на Светската здравствена организација за земјава.

-Идејата да се биде дома и да не се излегува можеби е вознемирувачка за некои луѓе, но тоа е потребно. Нема друг начин да се спречи ширењето на вирусот,  да се зачува здравствениот систем со цел тој да биде функционален, да бидат здрави здравствените работници за да можат да не лекуваат нас, рече таа во интервју за Детектор на ТВ Сител .

Според неа, во овој момент не се знае колку ќе трае пандемијата во светски рамки, ниту како ќе се движи во одредени земји. Се уште, додава, сме во рана фаза на избивање на пандемијата и не може да правиме предвидувања, но може да се каже дека курсот на пандемијата ќе зависи од акциите и мерките кои ќе ги преземеме.

-Тоа значи дека доколку луѓето одговорат позитивно на препораките на Владата ќе бидеме сите безбедни и ќе влијаеме на курсот на епидемијата. Но, ако луѓето се уште не веруваат што слушаат сакам да им кажам дека ова е сериозна ситуација и треба да се дистанцираат и да останата дома, колку можат да работат од дома и да се заштитат себе и семејството слушајќи ги мерките за превенција и заштита, истакна Тавила.

Претставничката на СЗО вели дека станува збор за нов вирус, со кој никој нема искуство. Од досегашните случаи, вели, може да се види дека најмногу се погодени постарите лица или лицата со други заболувања, но, како што додава, не се поштедени ниту младите.

– Ја користам приликата да им укажам на младите дека податоците од многу земји покажуваат дека лицата над 50 години се значителен дел од пациентите кои бараат хоспитализација, како и дека вирусот не поштедува ниту една возраст доколку биде направен контактот. Иако младите мислат дека не се директно погодени или нема да имаат сериозно заболување, тие треба да знаат дека не се непобедливи и вирусот може да нападне секого, рече Тавила.