Тавила: Ќе ве чини многу ако ви се повтори епидемијата


Иако во сила остануваа задолжителнот носење маски во затворени простории и на отворено, доколку не може да се одржи дистанца од два метри, сепак глетката низ продавниците, маркетите, па и на отворено не е баш таква.

– Ќе биде грешка доколку релаксирањето на рестриктивните мерки на Владата се протолкува како крај на заканата од Ковид-19 и кризата со пандемијата. Релаксирањето се однесува на рестриктивните мерки, но тоа не значи и релаксирање на личната заштита, свесноста и внимателноста. Нешто што може да биде многу полошо и нешто што многу ќе ја чини Северна Македонија е доколу дојде до нагло појавување и зголемување на бројот на случаи со Ковид-19, само неколку дена по олабавувањето на мерките. Да се дојде до ситуација на повторно затворање би било покатастрофално за економијата и за заедницата отколку влијанието на првите рестриктивни мерки, вели за МИА шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавила.

Прашањето за носењето маски е предмет на вечни дискусии на социјалните медиуми, а оваа тема, како што посочи Тавила спаѓа и во интересот на граѓаните и на професионалците.Всушност, додава таа, СЗО е на истиот став во врска со носењето маски во јавност и само подетално ги појаснува научните аргументи врз кои ја заснова својата позиција.

– Нашите препораки се засновани на истражувања и докази. Постои литература за оваа тема во врска со грип во здравствени установи. Нема докази во литературата дека носењето маски во заедницата дополнително ги штити тие кои не се болни. Главниот ризик е дека луѓето забораваат соодветно и често да ги мијат рацете. Маските треба само да се користат во пакет со држењето растојание од два метра, лична хигиена на миење раце и бонтон за кашлање. Во работните средини, или надвор на отворени и на затворено, треба да се знае дека маските имаат ограничени заштитни ефекти и доколку не се користат како што треба и не се фрлаат соодветно, тогаш може да зголеми ризикот наспроти придобивките, додава Тавила.

Таа нагласува дека миењето раце е најефективниот механизам за да се спречи трансмисија, а медицинските маски пред се им се потребни на здравствените работници кои се во првите редови на борбата. Потсетува дека препораката на СЗО е медицински маски да носат луѓето кои се болни, а болните треба да останат дома, како и оние кои се кои се грижат за заболен од Ковид-19.